Меѓународната организација „Репортери без граници“ денеска ги осуди заканите на Агенцијата за филм за кривични пријави против онлајн медиумите Радио МОФ, СДК и МКД.
„РСФ ги осудува заканите на Агенцијата за филм за кривични пријави против САКАМДАКАЖАМ.МК, РАДИОМОФ.МК И МКД.МК за извештаите за корупција во институцијта потврдени и со официјална истрага. Државните функционери мора да запрат со такво апсурно заплашување на медиумите!“, реагираа од Репортери без граници на Твитер.
#NorthMacedonia: @RSF_inter deplores the Film Agency’s threats of criminal charges against @SDKsakamdakazam, @RadioMOF & @MKDmk for reports on corruption in the state institution confirmed by an official probe. Public officials must stop such absurd intimidation of the media! pic.twitter.com/iIDuUsSMRo
— RSF in English (@RSF_en) July 30, 2020
Покрај оваа угледна организација, вчера остра реакција стигна и од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Од таму посочија дека јавна закана со кривичен прогон особено од институција која се финансира пред се’ од јавниот буџет, претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми, која служи истите да ги дискредитира, но и да се одвратат да се бават со теми кои се од делокругот на работата на Агенцијата.
„Потсетуваме дека менаџери на институции кои се финансирани од граѓаните како и на лица кои се именувани од страна на Владата треба да имаат повисок степен на толеранција кога имаат јавна критика за нивната работа а при тоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија. Исто така, ги потсетуваме нашите колеги дека ако им е потребна бесплатна правна помош со цел штитење на нивните права во вршење на професионално новинарство дека ЗНМ стои на располагање“, рекоа од ЗНМ, кои реагираа и за грубите дискфалификации искажани кон новинарката Марина Костова.
ЗНМ: Агенцијата за филм продолжува со закани и непримерна комуникација со медиумите
Агенцијата за филм се закани со тужби во соопштение што беше оспорувано од Министерство за култура дека незаконски е користено нејзиното лого.
Преку соопштението стигнаа закани и дискредитации за независните истражувачки медиуми СДК, МКД и Радио МОФ за наводно нарушување на угледот на Агенцијата поради истражувачките текстови со кои се укажа на неправилностите во работата на оваа државна институција, а кои се и предмет на истрага на Антикорупциска комисија.
Антикорупциска на 23 јули, по својата 35 седница, потврди дека е покрената иницијатива за утврдување на одговорност на в.д. директорот на Агенцијата, Горјан Тозија.
Антикорупционерите нагласија дека законот дава можност на Владата да го именува и разрешува директорот чиј мандат трае до 4 август. Оттука, на Владата и дадоа рок од 60 денови да им одговорат од иницијативата.
Радио МОФ и другите две нападните редакции побараа од Владата да постапи и да ја утврди одговорноста за злоупотребата на нејзините ресурси заради закани кон медиумите. Досега од Владата не стигна реакција.
Инаку и „Транспаренси Интернешнел Македонија“ на почетокот на јули објави дека поднела кривична пријава до Обвинителството за незаконски исплати од Агенција за филм. Пријавата на организацијата што се занимава со превенција и борба против корупција е базирана и врз истражувачката сторија на Радио МОФ и извештајот на СДК.