Репортери без граници: Македонија со напредок од две места во слободата на медиумите, но со раширени дезинформации и непрофесионалност

Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството кон медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција на лоши и понижувачки ставови кон новинарите, стои за Македонија во Индексот за слободата на медиумите 2024.  

Македонија е рангирана на 36-то место на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година на Репортери без граници, што е за две места подобро од 38-то место лани. Вкупно се рангирани 180 држави, а од земјите во регионот Македонија е најдобро оценета, по што следат Црна Гора (40), Словенија (42), Хрватска (48), Косово (75), БиХ (81), Србија е на 98-то место и Албанија на 99-та позиција.с

За Македонија, стои дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога.

„Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои прават плагијати и користат ‘копи-пејст’ содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу користењето и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверба“, се вели во извештајот.

Во однос на политичкиот контекст, севкупното опкружување останува поволно за слободата на медиумите, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè поподложно на напади.

„Понатаму, поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“, стои во извештајот.

Критики има и за правната рамка, особено што Уставот гарантира слобода на говор и забранува цензура. Репортери без граници нотира дека Македонија е бавна во процесот на хармонизација на легислативата со стандардите на Европската Унија, на која има намера да и’ се придружи.

„SLAPP тужбите служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Пресудата за клевета, во 2023 година, на медиумот ИРЛ за нејзината истрага од општ интерес постави опасен преседан. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното поврзано ширење на влијание“, забележуваат од Репортери без граници.

Во делот на економскиот контекст, наведено е дека иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцииите на некои од главните ТВ канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици.

Државното финансирање, се додава понатаму, е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите.

„Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството е многу несигурна професија. Некои медиуми се подложени на влијанија од страна на маркетинг агенциите“, стои во извештајот.

Нотиран е и социокултурниот контекст. Иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, стои дека социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани.

„Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за опаѓање на довербата на јавноста кон медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етникум или религија“, велат од Репортери без граници.

Кога во прашање е безбедноста, новинарите често се мета на вербални напади. Под изговор за заштита на државни тајни и лични податоци, според извештајот, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки.

„Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на медиумите и да ги штитат новинарите. Во главниот град беше назначен специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја“, стои во Извештајот на Репортери без граници за Македонија.

Првите места на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година им припаѓаат на Норвешка, Данска, Шведска, Холандија и Финска. На дното, пак, како најлошо рангирани земји се Иран, Северна Кореја, Авганистан, Сирија и Еритреја.

Од Репортери без граници посочуваат дека се’ поголем број влади и политички власти не ја исполнуваат својата улога како гаранти на најдобрата можна средина за новинарството и за правото на јавноста на веродостојни, независни и разновидни вести и информации. Во глобални рамки, Репортери без граници гледа загрижувачки пад на поддршката и почитувањето на медиумската автономија и зголемување на притисокот од државата или другите политички актери.

„Бидејќи повеќе од половина од светското население оди на гласање во 2024 година, РСФ предупредува на загрижувачкиот тренд откриен од Индексот за слобода на медиумите во светот за 2024 година: пад на политичкиот показател, еден од петте показатели наведени во Индексот. Државите и другите политички сили играат сè помала улога во заштитата на слободата на медиумите. Ова обезвластување понекогаш оди рака под рака со понепријателски дејствија кои ја поткопуваат улогата на новинарите, па дури и ги инструментализираат медиумите преку кампањи на вознемирувања или дезинформации“, потенцираат од Репортери без граници.

Бојан Шашевски