Во светот во периодот од 2003 до 2022 година се убиени 1.668 новинари, во просек по 80 годишно, според податоците објавени денеска од организацијата Репортери без граници (РСФ). Од убиените новинари, 95 отсто се мажи.
Ирак и Сирија се сметаат за најопасни земји за новинарската професија. Во двете земји зафатени од војна, убиени се вкупно 578 новинари само во последните 20 години, што претставува една третина од вкупниот број убиени новинари во светот во тој период, пред Мексико (125), Филипини (107), Пакистан (93), Авганистан (81) и Сомалија (78).
Во последните две децении, „најцрни“ години беа 2012 и 2013 година, со 133, односно 142 убиени новинари, главно во војната во Сирија, наведе РСФ.
После тоа дојде до постепено смирување, а потоа и историски ниски бројки од 2019 година, соопшти организацијата за одбрана на слободата на медиумите.
Сепак, бројот на убиени новинари повторно почна да расте во 2022 година, при што 58 новинари беа убиени додека ја извршуваа својата работа, во споредба со 51 во претходната година, како резултат на војната во Украина.
Во Украина, 8 новинари ги загубија животите од почетокот на руската инвазија во февруари, дополнително на 12-те новинари што беа убиени таму во текот на претходните 19 години.
Па така, Украина е на второто место на најопасни земји за новинарите во Европа, по Русија, каде за 20 години беа убиени 25 новинари.
РСФ наведува дека откако Владимир Путин дојде на власт, нападите, вклучително и смртоносните, врз слободата на медиумите во таа земја се систематски, истакнувајќи го убиството на Ана Политковска на 7 октомври 2006 година.
Со 8 убиени новинари, Франција е четврта на црната листа во Европа, по Турција, поради убиството на новинарот Шарли Ебдо во Париз во 2015 година.
На глобално ниво, иако известувањето од вооружени конфликти е причина за многу смртни случаи, во последните 20 години повеќе новинари се убиени во мирни зони отколку во воени зони, поради нивните истраги за организиран криминал и корупција.
Според Репортери без граници, Американскиот континент каде има речиси половина од убиените новинари во 2022 година, се покажува како „неспорно најопасен за медиумите денес“.