Досега загина 41 новинар во војната помеѓу Израел и Палестина. Триесет и шест од нив се палестински новинари убиени во израелските напади во Појасот Газа. Репортери без граници (РСФ) поднесе пријава до Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства против новинари во Палестина и Израел и бара итна заштита за новинарите, пренесува Данас.
Повеќе од 50 медиумски простории беа целосно или делумно уништени од израелските напади. Во последниот напад беа оштетени просторите на агенцијата Франс прес. РСФ објаснува дека во Појасот Газа никаде не е безбедно за новинарите.
Без разлика дали се на отворено, работат во шатори поставени во близина на болници или работат во своите домови или импровизирани засолништа со своите најблиски, новинарите во Појасот Газа кои продолжуваат да известуваат за една од најсмртоносните војни на овој век се во постојана и непосредна смртна опасност.
Како што наведуваат од организацијата, новинарите се убиени и ранети за време на својата работа и се жртви на нападите кои „во најмала рака биле воени злосторства кои оправдуваат истрага на тужителите на Меѓународниот кривичен суд“.
Во пријавата на РСФ поднесена на 31 октомври, се наведуваат случаите на девет новинари убиени за време на нивната работа од 7 октомври и уште двајца кои биле ранети, исто така, за време на нивната работа. Во пријавата се наведува и намерно, потполно или делумно уништување на простории на повеќе од 50 медиуми во Газа.