„Requiem Aeternam“ на 4 мај во Македонската филхармонија

По подолго време, Македонската филхармонија повторно ќе го изведе грандиозниот „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт, едно од најкрупните дела во класичната музика.

„Овој петок, на 4 мај во 20 часот, под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, моцартовото генијално дело ќе биде изведено на симфонискиот концерт насловен ‘Requiem Aeternam’, од оркестарот на Македонската филхармонија, хорот при Факултетот за музичка уметност подготвен од маестро Сашо Татарчевски, како и солистите: Ким Лилијан – Стребел – сопран од Швајцарија, Мартин Ванберг – тенор од Шведска, Николина Јаневска – мецо-сопран и Владимир Саздовски – бас“, соопштуваат од Македонската филхармонија.

Наедно, на овој концерт ќе бидат изведени уште две импресивни дела – „Моц-арт ала Хајдн“ од Алфред Шнитке, на кое како солисти ќе се претстават виолинистите Владимир Костов и Владимир Крстев, како и Масонска погребна музика од Моцарт.