Едногласно, со 39 гласа за, Советот на Град Скопје предмалку изгласа пренамена на средствата од градскиот Буџет како субвенција во Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје со кои на вработените ќе им се исплати заостанатата септемвриска плата чие доцнење доведе до прекин на јавниот превоз во главниот град.
Од Град Скопје соопштија дека проблемот е решен и дека ЈСП продолжува со нормалното функционирање. Оттаму посочуваат дека станувало збор за „вештачки предизвикана криза“ во претпријатието и го побараа одговорност од менаџментот.
„Повикуваме, менаџментот на претпријатието во ликот на Управниот одбор на истото веднаш да поднесе неотповиклива оставка од функцијата поради несоодветно менаџирање со претпријатието, поттикнување и предизвикување на хаос. Платите за ЈСП се обезбедени. Во меѓувреме остануваме на барањето, Владата и општините во најкус можен рок да ги исплатат насобраните милионски долгови“, соопштија од Град Скопје.
Утрово автобусите во двете бази на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Ѓорче Петров и Автокоманда не тргнаа по возниот ред. Работниците беа собрани во кругот на базите и си ја бараа заостанатата септемвриска плата. Единствени кои превезуваа патници низ градот беа приватните превозници во јавниот превоз.
Најавата за протестот и прекин на работата беше соопштена уште вчера, откако вработени во ЈСП дадоа ултиматум за да им се исплати септемвриската плата.
Од Град Скопје претходно денеска информираа дека ќе поднесат кривични пријави против лицата кои го попречуваа редовното функционирање на градскиот превоз.