Животниот век на една термоелектрана може да трае од 20 до 30 години. Но, ова важи при нормални услови, не и кога режимот на работа значи често вклучување и исклучување на централата како што е случајот со „Осломеј“ во Кичево. Според Илчо Трајаноски, магистер по енергетика и поранешен директор на оваа централа, ваквите промени во работата на термоелектраната може да создадат проблеми и по десет години постоење, а „Осломеј“ е во употреба веќе 40 години со чести периоди на мирување и проработување.
За Трајаноски, кичевската термоелектрана е завршена приказна, која може да се замени со истите средства кои би се вложиле за отворање на нов погон и увоз на јаглен од страна – план што претходно го најавија властите како дел од ткн. процес на „модернизација“ на централата.
„И со најсовремена опрема да ја направат, не можат да го избегнат стакленичкиот ефект на јаглерод диоксид. Тоа е процес на согорување – може ќе се избегнат азотните и сулфурните оксиди, но јаглерод диоксидот нема да се намали“, вели тој.
„Рудата што е останата во „Осломеј“ е во многу мала количина. Старата електрана не може да ја обработи, а новата нема да ја обработува бидејќи тешко се вади, трошоците би биле огромни“, смета Трајаноски.
Според него, спорно е и тоа што со најавената техника ќе се користат 38 отсто од енергијата што се увезува, што значи 62 отсто ќе се изгубат во воздух. Потоа, нема инфраструктура која овозможува евтин транспорт. Трошоците за траспорт никаде не се пресметани – факт за кој реагираа и од „Еко свест“.
Кондизационата турбина за согорување на јагленот, предвидена со модернизацијата, произведува само електрична енергија, но не и топлотна, појаснува Трајаноски. Ова, пак, според него, е несфатливо ако се знае дека јагленот се користи за добивање и на двата видови енергија.
Трајаноски се потсетува на 80-тите кога работел во „Осломеј“. За тоа време, вели тој, технологијата што ја користела централата го достигнала врвот. Денес, „Осломеј“ повеќе загадува со неговата дотраена техника, отколку што придонесува во вкупното домашно производство на енергија. Инаку, „Осломеј“ придонесува со речиси 10 отсто.
За „модернизација“ на „Осломеј“ се предвидени 126 милиони евра
Енергетскиот сектор во Република Македонија има најголем придонес кон загадувањето на животната средина, затоа што околу 90% од примарната енергија се генерира од фосилни горива, главно лигнит и мазут. Така, овој сектор учествува со повеќе од 70% во вкупните емисии на стакленички гасови, со слично учество и во локалното загадување. Ова го забележува Стратегијата за животна средина и климатски промени 2014-2020 на Министерството за животна средина.
„Проекциите на емисиите на стакленички гасови, во согласност со сценариото за развој на електроенергетскиот систем заснован единствено на јаглен, покажуваат просечна годишна стапка на пораст од 3,6% во периодот 2008-2020, додека анализата на еколошки подобрените сценарија (воведување на когенеративни гасни постројки, намалување на порастот на побарувачката на електрична енергија и зголемената употреба на обновливи извори на енергија) укажува дека просечната годишна стапка на пораст во периодот 2008-2020 ќе се намали на 1,4%“, стои во документот.
Сепак, за модернизација на термоелектраната „Осломеј“, властите предвидуваат капитални инвестиции во износ од 126 милиони евра од којшто износ најголем дел е предвиден за изградба на новиот котел за согорување на висококалоричен јаглен. Целосната имплементацијата на проектот е планирано да се реализира во период од 4 години.
Типична термоелектрана создава повеќе од 125 000 тони пепел. Токсичните материи во отпадот, вклучувајќи ги арсенот, живата, хромот, ураниумот – директно ја загадуваат почвата и околната вода, забележува Александра Бујароска од еко-здружението „Фрон 21/42“.
Термоелектраните на јаглен, појаснува таа, емитираат значителни количини на прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честички), сулфур диоксид азотни оксиди и јаглерод моноксид, кои имаат директно негативно влијание на живиот свет и човековото здравје.
Долгорочната изложеност на гасовите може да предизвика хронични респираторни болести и кардиоваскуларни заболувања, предупредува Бујароска.
„Други опасни супстанции што ги емитираат електраните на јаглен се тешките метали и неразградливите органски загадувачи, како што се диоксини и полициклични ароматични хемикалии. Влијанието може да биде директно преку дишење или индиректно преку консумирање на контаминирана храна и вода. Посебна загриженост предизвикува контаминацијата со жива, метал кој може да резултира со нарушување на когнитивниот развој на децата и да предизвика непоправлива штета на виталните органи на фетусот. Дополнително, на листата на тешки метали кои ги емитуваат ваквите термоелектрани вклучува и олово, арсен, кадмиум и ураниум“, вели таа.
Бујароска не верува во ветувањата на властите дека при увозот и согорувањето на новиот јаглен ќе се почитуваат еколошките стандарди.
„Согласно актуелниот Закон за животна средина, ТЕЦ Осломеј требаше да поседува А-Интегрирана еколошка дозвола и да ја унапреди својата технологија до април 2014 година како и сите други големи загадувачи. Процесот отпочна пред повеќе од 10 години (во 2007 година) и до ден денес ТЕЦ Осломеј ниту поседува ваква дозвола ниту плаќа за загадувањето“, посочи таа.
За новиот проект за ткн. „модернизација“ на ТЕЦ Осломеј, пак, вели дека ниту биле испочитувани одредбите за консултации со јавноста, ниту биле консултирани од А.Д. ЕЛЕМ и од МЖСПП.
Поради ова, „Фронт 21/42“ во јануари минатата година започна постапка против решението за издавање согласност на проектот. Во моментот постапката е пред Управниот суд.
„Идејата за нова постројка во Осломеј која ќе работи на увозен јаглен од Русија кој ќе се транспортира со камиони од пристаништето во Солун е неодржлива, краткорочна, заостаната и спротивна на заложбите за членство во Европската Унија и спротивна на Договорот од Париз за климатските промени кој Собранието на Р. Македонија го ратификува“, заклучува Бујароска.
Македонија е вклучена во Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, Протоколот од Кјото, Спогодбата од Копенхаген, Парискиот договор за климатските промени и приклучување на државата кон ЕУ. |
Од ЕЛЕМ соопштија дека спроведуваат проект за поставување 10 мегаватна електрана ПВ волтаици во близина на депонијата за пепел. Но, за Трајаноски, поранешниот директор на „Осломеј“, е сосема контрадикторно ако на исто место функционира и термоелектрана.
Според него „Осломеј“ воопшто не треба ниту да се спомнува како извор на енергија за во иднина. Тој се надева дека еден ден термоелектраната ќе прерасне во центар кој ќе предводи во нови технологии.
Во Европа сè уште има над 200 активни термоелектрани на јаглен
И покрај воведувањето на систем за тргување со емисиите, како и повластени тарифи за енергијата произведена од обновливи извори на енергија, ЕУ се уште има околу 280 активни термоцентрали на јаглен. Над 200 се постари од 30 години. Во наредниот период се очекува затворање на голем дел од нив, како резултат на построгите прописи на ЕУ во однос на заштитата на животната средина. Единаесет држави членки на Унијата веќе ги затвориле или најавиле скоро затворање на сите капацитети на јаглен, а тоа се: Франција до 2023, Италија и Велика Британија до 2025, и Холандија до 2030.
Според извештајот на лондонскиот истражувачки центар Carbon Tracker Initiative, ЕУ би избегнала трошоци од 22 милијарди евра доколку ги напушти термоцентралите на јаглен до 2030 година, во согласност од целите од Парискиот Договор. Carbon Tracker известува и дека оперативните трошоци во индустријата за јаглен би можеле да бидат повисоки од изградбата на ветерните копнени централи до 2024 година, и од соларните централи до 2027 година, заедно со технологиите на складирање на енергија кои уште повеќе би ја намалиле потребата од јагленот.
Европа ги затвора термоелектраните на јаглен, Македонија допрва ќе го увезува за „Осломеј“
Емилија Петреска