Насликан на ѕид на напуштена венецијанска палата, делото „Дете мигрант“ на славниот уличен артист Бенкси, направено за Биеналето на современа уметност 2019, стана туристичка атракција на Венеција. Сепак, поради влажноста и солта, муралот на кој е прикажано дете кое носи појас за спасување и држи факел полека бледнее.
Служејќи како коментар за глобалната бегалска криза, но и покренувајќи прашања за минливоста на уметноста, ова дело исто така е и во центарот на борба околу неговата обнова. Италијанското Министерство за култура сака да го реставрира муралот, но дел од уметниците тврдат дека делото треба да исчезне на природен начин.
Квартот Рио Ново, каде се наоѓа муралот, е еден од најпрометните во градот, спојувајќи ја железничката станица со Големиот канал. Протокот на чамци предизвикува бранови кои жителите на Венеција ги нарекуваат „moto ondoso“, што придонесува за ерозија на лагуната. Овој феномен се смета за опасност и од страна на УНЕСКО, поради неговите опасни последици по животната средина и историската инфраструктура на градот.
„Ниските делови на венецијанските палати, во контакт со вода, во архитектурата се нарекуваат „жртвена површина“. Вообичаено се оставени како чиста цигла, без боја, со цел да се превенира водата од каналот да се подига и да се впива во слоевите“, објаснува Моника Џамбарото, туристички водич од градот.
Сепак, предлогот на италијанските културни власти го отфрлаат локалните уметници.
„Банкси не е глупав. Тој бил целосно свесен дека неговото дело покрај водата нема да биде трајно. Доколку се реставрира, тоа оди против неговата замисла“, објаснува Евиреин, уметник кој е познат по цртањето ликов слични на стилот на Бенкси.
„Имам искуство со реставрирање на мои лични дела со најдобри намери. И покрај добронамерниот чин, крајниот резултат бил лош. Доколку некогаш од мене биде побарано да реставрирам дело на колега уметник, јас тоа би го одбил освен во случај на експлицитна намера на самиот уметник“, додава тој.
Активистката Росана Кариери, која соработува со културниот сектор, вели дека за преземање на вакви реставраторски работи прво треба да се консултираат сите страни пред да се донесе одлука.
„Пред да се започне со било каква реставрација, најважно е да се консултира и уметникот и локалната заедница. Во спротивно, постои ризик ова да биде авантура диктирана од горе-надолу која сака да поентира на славата на Бенкси. Треба да сме загрижени околу деликатната рамнотежа на Венеција нарушена од туризмот, наместо на реставрирањето на дело кое е направено за да исчезне“, вели таа.