Минијатурна улична уметничка сцена е направена на тротоар во Шведска, како начин да се обезбеди храна за локалната популација на глувци.
Сцената е направена во дното на ѕид од објект во Малме и предизвикува интерес и смеа од минувачите кои имаат доволно добар вид за да ја забележат.
На едната страна е малечка француска продавница со име „Лешници од животот“, комплетирана со излог полн бадеми и ореви кои ги привлекуваат купувачите да влезат внатре. Постерите на надворешниот дел рекламираат настани поврзани со глодари, меѓу нив и хорор филм наречен „Ноќта на Човекот-стаорец“.
На другата страна, со црвено-бела натстрешница, се наоѓа влезот на ресторанот Ил Тополино, италијанското име за Мики Маус. Оние доволно мали, за да ручаат во него можат да го гледаат светот од масите и столчињата пред ресторанот. На менито има сирење и грицки.
Сцените се дело на уметник наречен Анонимаус, кој ги објавува инсталациите на неговите 5 илјади следбеници на Инстаграм.
Во една од последните објави тој се заблагодарува на луѓето за нивниот интерес и ветува дека ќе следуваат нови уметнички дела.
„Без да ви откриваме премногу, можеме да ви кажеме дека работиме на нова сцена, а во 2017 година ќе видите уште многу други нешта“, пишува на објавата.