Утре (4 мај) со почеток во 11 часот на Градскиот плоштад во Крива Паланка, ќе се одржи ретро шоу на стари автомобили олдтајмери од Македонија и соседството.
Како што информираат организаторите, љубителите на старите автомобили ќе можат да уживаат во ретро авто-собир и ревија на околу 30-тина автомобили, стари и по 40 години.
„Старата класа возила од минатиот век ќе тргне од собирното место и ќе пристигне во 10,30 часот на паркингот кај ресторан ‘Облаче’ каде сите автомобили ќе бидат нумерирани и обележани со симболите на ‘Крива Паланка-Град на културата’. Возилата ќе продефилираат низ централното градско подрачје до Градскиот плоштад каде ќе бидат изложени и поставени нивните обележја. Во 13,30 часот, олтајмерите ќе се упатат кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ каде ќе бидат изложени на паркингот над црквата“, велат организаторите.
Настанот е во организација на Општина Крива Паланка, во соработка со Клубот “Олдтајмер Витези” од Куманово, а учесници се повеќе олдтајмер клубови од нашата држава и од Србија.
Ретро шоуто е дел од манифестацијата „Крива Паланка- Град на културата 2024“.