Денес (17 јуни) во Офицерскиот дом во Битола ќе биде отворена ретроспективна изложба на делата од постојаната колекција на „Арт-Поинт Гумно“ од с. Слоештица, Демир Хисар.
Со изложбата отпочнува чествувањето на 20-годишното креативно делување на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт-Поинт Гумно“.
„Поминаa точно две декади откако германскиот уметник Хубертус Хес претвори дел од старата дрвена ограда на чардакот во ‘Ангел чувар’ на гумното во Слојштица. Низ годиниве, на креативното гумно продефилираа, 80 врвни уметници од целиот свет“, велат од Центарот.
Дел од уметничкото богатство на „Арт-Поинт Гумно“ стекнато низ изминатите две декади се 65 слики, скулптури и фотографии, низ кои, како што велат оттаму, провејува убавината што уметниците ја доживуваат за време на гостувањето.
Изложбата ќе ја отвори писателката, уредник и преведувач – Јулијана Величковска, којашто вели дека секоја посета на ова единствено гумно ја доживува како празник.
Организаторите планираат оваа поставка да ја прикажат и пред скопската публика во Младинскиот културен центар.
„Арт-Поинт Гумно“ за прославата на јубилејот ќе организира и неколку тематски изложби. Најпрво ќе биде поставена изложбата „Последните селани“ во Центарот за култура и релаксација „Еригон” во Слоештица, потоа во градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, ќе биде претставена драгоцената фото-документација за рурален Демир Хисар што низ годиниве ја направија претставниците на Либеречката школа за фотографија од Чешка, а во галеријата во Слоештица, преку целата година ќе бидат организирани тематски изложби.