По изминати 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност, Националната галерија ја најавува ретроспективната изложба на Димитар Кондовски, која ќе биде отворена утре (четврток, 5 мај) со почеток од 20 часот во Даут-пашин амам.
Од Националната галерија велат дека Кондовски е еден од малкумината македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.
Ретроспективната изложба за творештвото на Кондовски (1927-1993) ќе ги опфати сите периоди од неговата творечка дејност.
„Димитар Кондовски зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии. Од овие причини, целта на оваа изложба е систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти кои ја одредуваат неговата творечка дејност. Ваквиот методолошки приод овозможува увид во сложениот сплет од влијанија, идејно-естетски тенденции и авторски преокупации на уметникот“, се вели во сооштението за изложбата