Во Националната галерија „Чифте Амам“ на 15 ноември, вторник ќе се отвори ретроспективната изложба на македонскиот ликовен уметник Теофил Шулајковски – Тофе под мотото „Потегот на четка – налик две трепкања со очите“.
Со почеток во 20 часот, присутните ќе имаат можност да видат збир од над 150 дела на Шулајковски од сите творечки фази – од најраните акварели, па сѐ до последниот, до сега неизложен и необјавен.
Од Националната галерија истакнуваат дека Теофил Шулајковски – Тофе без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски акварелисти, па оттаму доаѓа и неговото претставување како македонскиот бард на акварелот.
Оттаму додаваат дека појдовен момент за организирање на изложба која има ретроспективен предзнак и е посветена на Шулајковски (Дебар, 1934– Скопје, 2009) е фактот што тој е еден од ретките македонски уметници кои до сега немале ваков вид на интегрално претставување.
„Тој се издвојува од колегите уметници преку доследноста во ликовната дисциплина акварел и преку сопствената современа поетска естетика. Ја продолжува оваа насока, надоградувајќи се на почетокот врз основите и искуствата на нашите големи мајстори – втемелувачи на модерниот македонски акварел од дваесеттите години на минатиот век, но и по светските војни, кои се школувани во балканските центри: Димитар Панилов Аврамовски, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Василие Поповиќ-Цицо, Зага Малинковска. Тој донекаде, сосема логично, ги наследува искуствата од просторите во кои се оформувале и неговите претходници, односно ги впива и искуствата од претходната основоположничка генерација“, велат од „Чифте Амам“.
Од институцијата истакнуваат дека е невозможно само со една-две реченици да се дефинира огромното творештво кое Теофил Шулајковски – Тофе. Повеќе за творештвото на уметникот е достапно ТУКА.
„За почеток ќе истакнеме дека во историјата на македонската ликовна сцена Тофе Шулајковски се издвојува и е забележан како автор на препознатливи дела со предзнакот акварел. Најраниот период, околу 1957 година го означуваат реалистични акварели со пејзажи на паркови (Скопскиот парк), архитектура (Маркови кули, Самоилова тврдина, Скопското кале), селска архитектура, цркви, па дури и речиси апстрактни пејзажи, со бои и тоналитет близок на македонското поднебје“, истакнуваат од „Чифте Амам“.
Од „Чифте Амам“ посочуваат дека Тофе Шулајковски се издвојува како еден од ретките автори кои, следени во еден непрекинат континуитет, во текот на целиот свој творечки и животен век, и остануваат верни на единствената нивна ликовна определба – акварелот.
„Во случајот на Шулајковски животната определба е акварелот, сликарска техника која е негов првичен избор на кој му останува доследен и постојано се труди да го надгради и преобрази не само преку безбројни различни истражувања на материјалот (преку користење на различна хартија и бои), туку и преку тематските афинитети. Неговото творештво со право зазема видно место, а критиките на сите историчари на уметност и критичари кои го следеле сликарскиот пат на Теофил Шулајковски – Тофе во текот на неговите активни претставувања, го дефинираат неговото творештво како особено значајно во антологијата на современото македонско сликарство, конкретно акварелот“, велат од галеријата.
Оттаму посочуваат дека значењето на Теофил Шулајковски за македонската историја на уметност се согледува во неговата немирна истражувачка природа и желбата за внесување новитети во акварелот, со што придонесува кон оживувањето и подигањето на оваа ликовна дисциплина на современо рамниште.
„Неговото карактеристично творештво се издвојува со повеќеслојноста во експериментирањата и истражувањата на ликовните и техничките можности на акварелот, со специфичен индивидуален авторски ракопис кој се согледува во начинот на дисциплинирано и хармонично градење на композицијата од мноштво елементи, преку своевидно ‘ткаење’ на површината на сликата, со што го подига акварелот на сосема ново рамниште во ликовната уметност кај нас“, дополнуваат од Националната галерија.