Ретроспективната изложба на 40-годишниот опус на ликовниот уметник Владимир Темков ќе биде отворена во среда (31 мај) во Чифте амам со почеток во 20 часот.
„Владимир Темков е присутен на македонската и тогашната југословенска ликовна сцена од 1980 година. Со текот на годините тој ги фиксира своите визуелни потраги. Создава сопствена тематска матрица со заеднички обележја и компонирање на елементите во линеарни и хроматски решенија, со кои достигнува занимливо рамниште на експресивност. Иако работи на повеќе тематски и концепциски циклуси, евидентно е проткајувањето на веќе утврден ликовен модус во сите циклуси и негово постојано испреплетување. Со идејата дека бојата ја претставува апотеозата на светлината, нашиот сликар ја гради од слика во слика, од циклус во циклус, својата сликарска поетика, во која примарна материја е бојата, како и енергијата што таа ја пренесува“, пишува во најавата.
Темков од 80-тите години па до денес, учествувал на изложби во Македонија и тогашна СФРЈ, како и на многу меѓународни изложби, колонии, симпозиуми.
„Основното тежнеење на Темков е да создава како што чекори, да слика како што дише. Идеал му е природната едноставност, па тој слика во динамичен дух, со слободни и моќни потези, а во исто време кротко и контемплативно, пренесувајќи повеќезначни мисловни пораки. Тоа, пак, води кон една динамична композиција на бојата во допир со природата, каде што сѐ е во движење и менување“, велат од Националната галерија.
Тој е роден во Кавадарци во 1959 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек графика, а магистерските студии ги завршил на отсекот сликарство.
Основач и организатор е на Меѓународната Ликовна колонија, „Кавадарци-Михајлово“ од 1996 година. Како организатор се јавува и на првата Ликовна колонија 1982 година во рудник Ржаново, с. Мрежичко, Кавадарци. Темков е претседател на Друштво на Ликовни уметници на Кавадарци, како и потпретседател на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија. Тој е добитник е на многу домашни и меѓународни признанија од областа на ликовната уметност.