Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги објави двата извештаи за донациите на изборните кампањи за претседателските избори кои ги поднеле седумтемина кандидати за претседател кои се поднесуваат на 11 дена од почетокот на кампањата и на 20-от ден од кампањата.
Според вториот извештај за кампањата на кандидатот Стево Пендаровски, поддржан од коалицијата „За европска иднина“, за неговата кампања биле донирани 31.912 денари од 3 физички лица, како и 115.005 денари од едно правно лице. Првиот извештај е празен.
За кампањата на Гордана Силјановска Давкова, поддржана од коалицијата „Твоја Македонија“ пак, според првиот извештај биле префрлени средства од 526 физички лица, односно вкупно 19.950.000 денари од сметката на партијата на трансакциската сметка за кампањата. Во овој извештај се наведува и една донација од правно лице во износ од 50.000 денари. Вториот извештај за кампањата на Силјановска Давкова е празна.
Дваесет физички лица донирале 936 илјади денари за кампањата на кандидатот од коалицијата „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски, покажува првиот извештај доставен до ДЗР. Во вториот извештај поднесен на 20-от ден од кампањата, нотирани се донации од 2 физички лица во вредност од 50.000 денари.
За првите 10 дена од кампањата на кандидатот Бујар Османи од „Европски фронт“ извештајот е празен. Во вториот извештај, единствено може да се најде една донација од правно лице во вредност од 185 илјади денари. Во истиот извештај е наведено и дека се префрлени 4.100.000 денари од партиската сметка на ДУИ на трансакциската сметка за изборна кампања, без да бидат наведени физичките лица.
За кампањата на кандидатката на Левица Билјана Ванковска донирале 26 физички лица во вредност од 1.072.995 денари. Вториот извештај за кампањата на Ванковска покажува донации од 1.093.995 денари од 31 физичко лице.
Донации од 521.900 денари од 5 физички лица добила кампањата за кандидатот Арбен Таравари на коалицијата „Вреди“, според извештајот кој се поднесува на 10-тиот ден од кампањата. Дополнителна донација од 183.000 денари е нотирана во вториот извештај, каде самиот Таравари донирал на трансакциската смета за изборната кампања.
Инаку, извештајот покажува и дека од партијата „Алтернатива“ биле префрлени донации од физички лица на трансакциската сметка за изборната кампања во вредност од 600.000 денари, но и дополнителни 1.800.000 денари подоцна. Истовремено, донации биле префрлени и од партијата Алијанса за Албанците во вредност од 250.000 денари.
За кандидатот Максим Димитриевски од движењето „ЗНАМ“ до првите 10 дена од почетокот на кампањата биле префрлени 450.000 денари од 9 лица од основната трансакциска смета на политичката партија на трансакциската сметка за изборната кампања, односно уште 300.000 денари се нотирани во вториот извештај.
Мартин Колоски