Четворица ревизори, двајца вработени во Антикорупциската комисија и една судијка се кандидатите кои го поминаа филтерот на собраниската Комисија за селекција и се утврдени како предлог за нов состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
На ранг листата која ја објави Собранието, највисок просек (76 од максимални 100) има Татјана Димитровска, која е вработена во Државниот завод за ревизија и која е предложена да биде следниот претседател на ДКСК.
За членови на идниот состав на ДКСК се утврдени и судијката во Основниот суд Софија Спасова Медарска (75,86 поени), двајца досегашни советници во ДКСК, Билјана Каракашова Шулев (74,28) и Бесник Џемаиљи (74,14), ревизорите Зоран Богоевски (73,57) и Цвета Ристовска (70,57) и Сервет Демири (67,28) кој доаѓа од Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош на ЕУ.
Во образложението на сите кандидати стои дека Комисијата за селекција утврдила дека кандидатите имаат големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси, и имаат јасна визија и план за работата на ДКСК. За сите нив има наведено и дека дале одлични одговори на поставените општи и посебни прашања на интервјуата.
Како осми и деветти на ранг листата, кои извисија за новиот состав на ДКСК за само два поени се адвокатите Владимир Клековски (65,57) и Сузана Јошевска-Анастасовска (65,43).
За бодувањето решаваше Комисијата за селекција составена од четворица пратеници (Фаница Николовска од СДСМ, Берат Ајдари од ДУИ, Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ и Кастриот Реџепи од БЕСА), заменик народниот правобранител Јован Андоновски и двајца претставници на граѓанскиот сектор (Снежана Камилоска Трпкоска од Македонски центар за меѓународна соработка и Никола Додов од Здружението за поттикнување и промоција на информатиката – Асоцијација на студенти информатичари) кои се и дел од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор.
Она што е симптоматично е поединечното бодување на кандидатите од членовите на Комисијата за селекција, каде може да се забележи голема дискрепанца во поените кои дел од кандидатите ги добиле од пратениците и поените кои ги добиле од претставниците на граѓанскиот сектор.
На пример, најдобро пласираната Димитровска добила речиси максимални 100 поени од сите пратеници, но добила по само 20 поени од членовите кои доаѓаат од граѓанскиот сектор. Џемаиљи исто така добил максимални 100 поени од пратениците, но добил само 18 и 26 поени од активистите од невладиниот сектор. Богоевски добил максимален број на поени од пратениците од власта и над 70 поени од пратениците во опозиција, но добил само 10 и 53 поени од двајцата членови кои доаѓаат од граѓанскиот сектор.
На собраниската веб-страница не се достапни целосните биографии на кандидатите.
Утврдената листа со кандидати за новиот состав на ДКСК сега треба да се најде на пленарна седница, на која Собранието треба да го потврди нивниот избор. Новите членови на ДКСК ќе имаат петгодишен мандат без право на повторен избор.
За членови на антикорупциската комисија беа пријавени 41 кандидат, а ова е втор пат како членовите на ДКСК се бираат преку транспарентен процес на јавни интервјуа кои се емитуваат на Собранискиот канал и бодување на кандидатите.
Мандатот на актуелниот состав на Антикорупциската комисија е до февруари 2024 година, кога ќе почне со работа новиот состав.
Даниел Евросимоски