Театарската режисерка Зоја Бузалковска со отворено писмо до премиерот Зоран Заев, поднесе оставка од Советот за култура поради Годишната програма на Министерството за култура.
„Погледнете ја, г-дине Заев, вака попладневно, по дома, на раат, Годишната програма на проекти од културата од национален интерес за Театарска дејност (можете да ги отворите и другите дејности, исто е) – како да немате ништо со неа, како Вас да не ве засега. Не е тешко да забележите, и со букви, и со бројки, за каков национализам и проценување пред сè по критериум „етничка припадност“, а не по квалитет на предложеното, се работи. Кога ова ќе ви го каже некој што веќе повеќе од 15 години се бори на страната на човековите права и разрешувањето меѓуетнички конфликти, а учествува и во програмите на школите за толеранција, тогаш значи дека ептен сте ја закашкале работава! А на од Вас избраниот Министер за култура имам само да му порачам – немам намера да Ви пишувам посебен допис – ДАВАМ ОСТАВКА во Советот за култура, Ваше советодавно тело, кое практично и не постои, бидејќи Вам не Ви требаат совети, Вие сè си знаете и самиот“, стои во писмото кое Бузалковска го објави на Фејсбук.
Резултатите од Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура за 2019 денеска предизвикаа големи реакции во јавноста.