Канадската режисерка Сара Поли сподели „сурова“ првоаприлска шега што ѝ ја приредил нејзиниот единаесетгодишен син.
Се работи за писмо што Поли го добила вчера утрото во кое пишувало: „Ви го соопштуваме ова со најдлабоко жалење: Оскарот што го добивте Ви беше доделен на грешка“.
Режисерката ја доби Академската награда за најдобро адаптирано сценарио за филмот „Жените зборуваат“ минатиот месец.
Во писмото што таа го објави на Твитер се вели дека наградата треба да ја испрати назад до Калифорнија. Всушност, дека може да ја задржи уште само една недела за „да може да ужива во нејзиното присуство“ во нејзиниот дом, но сепак треба да се врати кај „вистинскиот“ победник – „На запад ништо ново“.
„Жалиме за Вашата загуба, но доделувањето ќе биде фер и исправно доколку Оскарот се додели на вистински најдоброто адаптирано сценарио“, пишува во писмото.
My eleven-year-old swung low for April Fools Day this year. #AprilFoolsDay pic.twitter.com/WvJxMIRBfL
— @realSarahPolley (she/her) (@realsarahpolley) April 1, 2023
Кон шегата се приклучи и режисерот на филмот „На запад ништо ново“, Едвард Бергер.
„За да заштедиш на трошоците од испраќање на наградата, од Академијата ме прашаа јас да ти ја споделам мојата домашна адреса и да може да ми го пратиш директно на мене. Ќе ти пишам за кратко. Дали може да направиме така?“, пишува во коментарот на Бергер под твитот со писмото.