Режисерот Вим Вендерс ќе ја добие наградата за животно дело на Европската филмска академија

Германскиот филмски автор Вим Вендерс ќе ја добие наградата за животно дело на 37. доделување на Европски филмски награди што ќе се одржи на 7 декември во Луцерн, Швајцарија.

„Со оваа награда го славиме извонредниот опус на работа на Вим Вендерс кој продолжува да истражува и експериментира со своето љубопитно око и отворен ум. Како еден од основачите на Европската филмска академија, чиј извршен директор беше од 1990 и 1995 година и претседател до 2020 година, Вендерс има цврста конекција со нашата академија и нѐ прави дополнително среќни што ја славиме неговата извонредна посветеност и му благодариме“, изјави Матијс Воутер Кнол, извршениот директор на Европската филмска академија.

Вендерс, препознаен по движењето на новата германска кинематографија низ годините има добиено награди на Канскиот, Венецискиот и Берлинскиот филмска фестивал како и награда од Британската академија за филмски и телевизиски уметности (БАФТА) и три номинации за Оскар.

Меѓу неговите филмови се „Алиса во градовите“, „Погрешниот потег“, „Кралевите на патот“, „Парис, Тексас“ со кој ја доби наградата за најдобар режисер на БАФТА и Златната палма во Кан, „Крилја на желбата“ со кој ја освои наградата за најдобар режисер на Канскиот фестивал и неговиот најнов филм „Совршени денови“ со кој беше номиниран за најдобар интернационален филм на Оскарите.