Проектот RISE официјално го отвори третиот повик за поддршка на млади претприемачи од регионот на Западен Балкан за развој на идеи за социјални претпријатија. RISE програмата нуди едукативна и финансиска поддршка која им помага на младите да ги трансформираат идеите во бизниси кои им помагаат на заедниците и ја заштитуваат животната средина.
АРНО ги повикува македонските млади да формираат тимови и да аплицираат на повикот преку пополнување на формуларот до 31-ви октомври.
„Учесниците кои ќе бидат избрани во идеациската фаза ќе имат можност да учат од искусни ментори и експерти за зелено буџетирање, видови на бизнис модели (покрај класичното продај-купи), како да го откријат својот brand’s spirit animal, ефективни и креативни комуникации со јавноста и слично“, соопштуваат од АРНО.
Од таму посочуваат дека победничките тимови од првата фаза ќе добијат и финансиска поддршка (без обврска да регистираат ново правно лице, иако би биле силно охрабрени за таков чекор), и дополнително, на победниците ќе им следува и мини грант за регионална мобилност со кој ќе бидат во можност да посетат друга идеја/институција од регионот корисна за нивниот развој.
„Во Европската Унија се зголемуваат фондовите за социјалните претпријатија, и одлично е што и кај нас ќе се носи закон за социјално претприемништво и оваа тема ќе биде се повисоко на агендата. АРНО ги охрабрува младите, но и колегите од здруженијата, медиумите, општините, приватниот сектор да се вклучат во програмите во било каков формат, особено кога светот го ‘тресат’ енергетски, безбедносни и економски кризи. Ние преку друг натпревар во АРНО видовме како млади од соседна Грција уште пред 7 години формираа енергетски задруги и зајакнаа цели села благодарение на социјален бизнис. Сведочиме за успеси и на наши млади и очекуваме тие и сега да покажат иновативност, оптимизам и амбиција“, изјави Марјан Ицоски, координатор на проектот во АРНО.
Во првите две изданија на RISE на регионално ниво поддржани се вкупно 274 млади и 88 идеи од Западниот Балкан, од кои, велат од АРНО, денес дел прераснаа во функционални социјални бизниси, освоија и други регионални награди, грантови и го привлекоа вниманието на донаторите и медиумите.
„Преку оваа програма млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси кои преку изработка на облека и модни додатоци интегрираат жени-бегалки во Србија (Women on the way), овозможија планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона, Албанија (Reality Escapers), воведоа нов концепт на градинка на отворено за прв пат во Македонија (во Штип) (Камп) и многу други успешни приказни.
Поради успехот и препознаениот потенцијал на социјалната економија за развој на регионот, проектот RISE покрај изминатите 3, ќе работи со младите и во наредните 3 години преку јакнење на нивните капацитети и вмрежување на сите чинители. Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group), Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО (Македонија), Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија). Проектот RISE е ко-финансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија“, стои во соопштението на АРНО.