Од Министерството за образование и наука остануваат на ставот дека екстерното оценување е успешно спроведено. Нема да се дозволи учениците да бидат оштетени, а технички проблеми тековно се отстрануваат, изјави денеска министерот за образование Спиро Ристовски кој најави дополнителни контроли во случаите на ненавременото пристигнување на тестовите на учениците до Државниот испитен центар. Според податоците на Државниот испитен центар, пристигнале вкупно околу 3.200 приговори за екстерното тестирање.
„Не може квалитетот на целокупниот систем, софтверот на екстерното оценување и неговата одржливост да се квалификува зашто некаде некој директор или одговорно лице не ги доставил информациите на време до ДИЦ. Најлесно е во ваква ситуација да се обвинува МОН кога има и други фактори во процесот. Но свесни сме за тоа и сме подготвени да ги дадеме одговорите, пред се кон родителите, за да се смират и да веруваат дека ние немаме намера некое дете да биде оштетено“, забележа Ристовски.
Вчерашното барање упатено од страна на СДСМ екстерното да се спроведува во следните пет години само како пилот проект и во меѓувреме да се отстрануваат тековните проблеми, Ристовски го нарече собирање евтини политички поени.
„Утврдивме дека оваа година стартува екстерното, се имплементираше и според Министерството за образование и наука тоа е успешно спроведено. Факт е дека имаше извесни технички проблеми кои се отстрануваа во од. Следната година ќе се работи многу поинтензивно за да не ни се повторуваат дел од тие грешки“, изјави Ристовски.