Ја почитуваме одлуката за штрајк на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), но треба да ги обезбедиме сите услови за непречено одвивање на наставата, изјави заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски за време на посетата на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Одговарајќи на новинарско прашање тој посочи дека со оглед на тоа што овој тип на штрајк ќе има директна рефлексија врз децата и на голем број семејства воземјава ако нема обезбедени услови за редовен процес на образование. Запрашан дали тоа значи дека Министерството веќе ја подготвува листата за замена на наставниците кои ќе штрајкуваат, вели дека во услови кога има штрајк треба да им се гарантира правото на штрајк на наставниците штрајкувачи.
– Тие можат дури и подолго од вообичаено да штрајкуваат, но истовремено ние ќе ги започнеме сите подготовки во услови, кога нормално ќе се констатира колкава е потребата за периодична замена на наставниците, односно да бидат ангажирани наставници со кои нема да запре образовниот процес, односно ќе се потрудиме да овозможиме континуитет, така што нема негативни влијанија врз учениците и семејствата, истакна Ристовски.
Со новите законски измени донесени во Собрание пред минатата седмица, во случаите кога наставниците и професорите штрајкуваат, тие ќе треба да бидат заменети со други привремено вработени наставници.
Од СОНК пак одлучија штрајкот во образованието да почне на 29 септември.