Ризичното и криминалното онлајн однесување се заканува да се нормализира низ генерацијата млади во Европа, покажува ново истражување финансирано од Европската Унија, во кое се открива дека четвртина од младите на возраст меѓу 16 и 19 години „тролале“ некого онлајн, додека третина биле вклучени во дигитална пиратерија.
Анкетата, во која биле опфатени 8.000 млади од 9 европски држави, покажала дека секој осми млад човек бил вклучен во онлајн малтретирање, а една десетина од младите биле вклучени во некоја форма на говор на омраза или хакирање. Дополнително, петина од младите се впуштале во сексуално допишување, а повеќе од 40 проценти од младите гледале порнографски содржини.
Ко-авторката на студијата, Џулија Давидсон, која е професорка по криминологија на Универзитетот на Источен Лондон, вели дека ризичното и криминалното онлајн однесување станува речиси нормализирано меѓу генерацијата млади луѓе.
„Истражувањето покажува дека голема пропорција од младите во ЕУ се вклучени во некоја форма на сајбер-криминал, до таа мера што правење на лесни нелегални дела и онлајн ризикот станува речиси нормализирано“, објаснува таа.
Според Давидсон, анкетата покажала дека повеќе млади мажи се впуштале во ризично или криминално однесување, откако речиси три-четвртини од машките признале некаква форма на сајбер-криминал, во споредба со 65% од жените.
Младите во анкетата биле прашувани за 20 различни видови на однесување онлајн. Резултатите покажале дека нешто под половина од нив биле вклучени во активности кои би се сметале нелегални во поголемиот дел правни системи, како хакирање, недозволено споделување интимни слики или перење пари, односно ситуации во кои некој добива пари од трето лице и ги проследува кон други лица.
Студијата покажала и дека половина од младите помеѓу 16 и 19 години поминувале од четири до седум часа онлајн секојдневно, додека скоро 40% поминувале повеќе од осум часа дневно онлајн, пред се` на нивните телефони. Истражувањето покажало дека најомилените пет платформи на младите биле: Јутјуб, Инстаграм, ВатсАп, ТикТок и Снепчет.
Истражувањето било спроведено во Велика Британија, Франција, Шпанија, Италија, Германија, Холандија, Шведска, Норвешка и Романија. Од нив, земјата со најголем број „сајбер-девијации“ била Шпанија – 75%, по што следувала Романија, Холандија и Германија, со околу 72%. „Најдобро“ на листата стои Велика Британија, каде 58% од младите биле впуштени во вакво ризично однесување онлајн.