На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денеска(4 март)се отвора петтата меѓународна работилница „РобоМак 2014”, на која учествуваат околу 70 домашни и 30 странски студенти од повеќе од 20 европски држави.
Се работи за еднонеделен интернационален настан посветен на развој на програмирањето и роботиката на кој студентите ќе програмираат во мешани тимови и ќе се обидат да ги искористат постоечките роботи на најефикасен и креативен начин. Целта на работилницата е да им помогне на учесниците да ги продлабочат своите знаењата стекнати преку формалното образование. „РобоМак 2014” ќе трае до 9 март, а финалето е закажано во сабота во Дом на АРМ кога тимовите ќе се натпреваруваат со своите роботски креации.
„Се работи за интернационален настан посветен на развој на програмирањето и роботиката, на кој студентите ќе програмираат во мешани тимови и ќе се обидат да ги искористат постоечките роботи на најефикасен и креативен начин. РобоМак е меѓународен проект кој веќе 5-ти пат успешно се организира во Македонија и привлекува голема заинтересираност кај студентите од техничките науки“, соопштија од ФЕИТ.
„Робомак 2014“ е организиран од Здружен организациски одбор од студентските организации ЕЕСТЕК ЛК Скопје ( Electrical Engineering STudents’ European assoCiation Local Committee Skopje), ИЕЕЕ Македонија – Студентски Огранок и Студентскиот Парламент на ФЕИТ кои повеќегодишно успешно делуваат на техничките факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.