Робот скрши прст на седумгодишниот противник во партија шах во турнир во Москва, Русија, минатата недела.
Претседателот на Московската шаховска федерација, Сергеј Лазарев ја потврдил веста за руската новинска агенцијата „Тасс“, а како што пренесува „Би-Би-Си“, Лазарев нагласил дека истиот робот играл многу пати претходно без воопшто да се случи инцидент.
„Детето направи чекор, и по тоа требаше да му дадеме малку време на роботот да одговори, но момчето избрза и роботот му ја фати раката“, изјавил Лазарев.
„Гардијан“ пишува дека заменик претседателот на Руската шаховска федерација, Сергеј Смагин, рекол дека момчето ненамерно „злоупотребило“ некои од правилата.
„Кога го направи својот потег не сфати дека треба да почека роботот да доврши со неговиот. Ова е навистина редок случај и прв за кој сум сведок дека се случил“, појаснил Смагин.
За овој случај излезе видео кое набрзо стана вирално. Од шаховските федерации објаснуваат дека момчето е едно од најдобрите 30 шахисти во Русија во категорија под 9 години. Тој веднаш следниот ден повторно играл со што го завршил турнирот, а за истото му помагале волонтери. Според кажувањата, момчето не било многу трауматизирано од нападот.
Останатите претпоставки зошто дошло до нападот се бидејќи можеби се јавила грешка во софтверот.
Сепак, некои експерти сметаат дека момчето можеби и имало среќа. Според одредена студија објавена во 2015, во просек на годишно ниво умира по еден човек кој е убиен од страна на вештачка интелигенција.