Со неколкучасовно возење низ Скопје и голема забава, „Критична маса“ ќе го прослави својот прв роденден. Настанот е закажан традиционално во среда, на 29-ти мај. Велосипедистите ќе се соберат во 17.30 на паркингот до Веро Центар, а возењето завршува околу 19 часот пред МКЦ. Овде е закажана роденденската журка.
„Дојдете повторно и оваа среда на роденденската критична маса, повторно да се повозиме заедно и да го славиме возењето точак! Облечете ги највеселите и најшарените партали што ги имате во вашиот шкаф. Земете свирчиња, вувузели, балони, транспаренти. Земете ја целата позитивна енергија со вас и фиксирајте ја насмевката на вашите лица, because it’s party time!“, повикуваат од „Критична маса“.
Групата која постои една година се собра со цел да ги промовира позитивните ефекти на возењето велосипед, но што е уште поважно, да укаже на проблемите кои тие ги имаат во Скопје, од дупките по улиците до отсуството на вистински велосипедски патеки во милионскиот град.
„Нека заѕвонат 1000 ѕвончиња за подобар вело-град!“, повикуваат организаторите.