Еден од најуспешните артисти на електронската музичка сцена Роџер Санчез, на 16 мај доаѓа во Скопје. Тој ќе ја претстави својата нова музика, препознатливите секси-вокали и адреналински ритми, на големата „Release Yourself“ вечер која ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“.
Последниот настап на Роџер Санчез во Македонија беше на ланското издание на Грин Бич Фестивал, на кој успеа да привлече 12.000 вљубеници во неговиот звук и остана запаметен како една од најдобрите забави кои до сега се одржале во Охрид.
Роџер Санчез е едно од водечките светски имиња во хаус музиката. Познат како „DJ’s DJ” и „Producer’s producer,” Санчез го ужива статусот на господар на жанрот. Роден во доминиканско семејство во Квинс, Њујорк, тој го поминува своето детство впивајќи ги музичките влијанија кои се дел од крвотокот на неговиот роден град. Симбиозата на различните музички стилови од салса, блуз и соул до диско, рок и хип хоп, го создадоа спектарот на музичкиот израз на Санчез.
Тој оствари бројни хитови на европските и светските топ листи, како со сопствената музика, така и со ремиксите за низа музички ѕвезди вклучувајќи ги Алиша Кис, Кајли Миног, „Дафт Панк“, Мадона, Мајкл Џексон, „Џамиракуај“, „Гарбиџ“, „Д Полис“, „Но Даут“ и „Марун 5“.
Неговиот сингл „Release Yo Self” објавен во 1996 година прерасна во светски феномен – а под тоа име Санчез објави и неколку компилациски албуми (Release Yourself vol. 1-7), кои се познати како експлозивна комбинација на дип хаус, латино, трајбл и тек звуци. Познат е и по своето неделно радио шоу со 15 милиони слушатели во светот, „Release Yourself“ кое се емитува во повеќе од 25 земји ширум светот.
Влезниците за „Release Yourself“ забавата со Роџер Санчез се веќе достапни во продажба и тоа по првата промотивна цена од 400 денари. По завршувањето на промо акцијата или по истекот на залихите, билетите ќе чинат 500 денари во претпродажба и 600 денари на билетарата на Арена „Борис Трајковски“ на денот на концертот. Влезниците може да се набават преку продажната мрежа наМКтикетс, во салоните на ONE и во Југотон. Покрај регуларните, во продажба се и поскапи ВИП влезници. Организатори на забавата се Пасворд Продакшн и Октопуси Ентертеинмент.