Родители бараат онлајн настава – СОНК се надева на рационална одлука за почетокот на новата учебна година

Во исчекување на конечна одлука за тоа како би се одвивала новата учебна година од 1 септември, разни реакции и ставови беа упатени периодов кон надлежните. Сепак, сите водат кон една идеја – здравјето на учениците и вработените во училиштата да биде приоритет, а во меѓувреме образовниот процес да не запира.

Неформална група родители, кои се собраа самоицијативно преку социјалните мрежи, упатија барање да се овозможи опцијата за онлајн настава за сите ученици во новата учебна година за како што велат, да не дојде до поголемо ширење на коронавирусот.

Според нив, единственото превентивно оружје е користење на дигиталните алатки и продолжување со онлајн настава.

„Моделот што имавме можност да го видиме, а вклучува 2 часа дневен физички престој во училиште, под маски и физичка дистанца, сменска настава, скратена програма и зимски распуст од 180 денови, е модел кој нема да обезбеди здрава средина за развој, социјализација и едукација и не го поништува ризикот од заразување и изложување на ризик на целокупното население. Со предложениот модел за физичко присуство, дополнително се комлицираат обврските на родителите, а доколку во целиот тој процес бидат вклучени бабите и дедовците (што се чини неминовно), доколку родителите се на работа, се ризикува животот на најранливата категорија граѓани“, велат овие родители во своето барање.

Тие и понатаму сакаат еден од родителите на децата до 10-годишна возраст, да биде ослободен од работа или да има скратено работно време со објаснување дека децата до оваа возраст не можат самостојно да престојуваат дома.

Покрај ова, бараат како платформа за изведба на онлајн учењето да биде избрана Microsoft teams, која како што посочуваат е избрана за најкорисна, најпрактична и која доби најпозитивни оценки од сите употребувани во изминатиот период.

„Ние, единствено што бараме во оваа смисла е онлајн наставата да биде осмислена, ефективна и квалитетна, а веруваме во капацитетот на наставниот кадар, кој и досега покажа дека поседува креативност и способност за справување со новите околности. Сметаме дека, токму со барањето на оваа опција, ги заштитуваме и наставниците, на кои со решението за физичка настава им е наметнат и најголем дел од одговорноста, но и ризикот од изведување на истата што подразбира и познавање на кризен менаџмент. За таква подготовка сите сме свесни дека не постои ниту искуство ниту доволно време за целосна подготвеност за нормално отпочнување на учебната година. Тие не се единствените на кои им е потребен курс за однесување во кризно време, туку тој е потребен и за учениците и за родителите“, стои во барањето.

Групата родители посочуваат и на постоечките проблеми во училиштата како неодржувани инвентари, истрошени тоалети, расипани чешми, но и немање основни хигиенски средства, кои како што нагласуваат, сами ги купувале изминативе години.

„Треба да бидеме и самокритични и да признаеме дека со сегашните услови, моменталната состојба и вкупниот персонал со кој располагаат училиштата во целата држава е невозможно постигнување на потребното ниво на хигиена и социјална дистанца. Ние, само во текот на овие денови откако постои Фејсбук групата во чие име ви се обраќаме, слушнавме стотици поплаки за супстандардните услови во многу училишта кои немаат постојано вода за пиење и имаат загрижувачка состојба во однос на ниското ниво на хигиена во нормални, а со тоа и во услови на пандемија“, велат тие.

Од неформалната група поставија и бројни прашања до надлежните за начините на кои би се спроведувала физичката настава – од тоа кој ќе мери температура, па до обезбедување растојание меѓу вработените и учениците.

„Очигледно е дека со вирусот ќе живееме уште долго, но на нас останува да ги изнајдеме оптималните решенија за справување со него и да ги понудиме можните начини за што побезболно преминување кон „новото нормално“. Бројот на заболени мора да се донесе до толерантниот минимум и потоа етапно да почнеме да ги нормализираме нашите и животите на децата. Оттука, сакаме да подвлечеме дека зад ова барање стојат луѓе и семјества кои се обединети кон една цел – здравјето на своите деца, без разлика на нивната етничка, религиозна, партиска и каква било друга припадност. Тоа се луѓе кои во континуитет ги почитуваа владините мерки и дадоа голем општествен придонес врз контролата на ширење на вирусот, како и одличен пример на општествена одговорност и високо ниво на свест и совест. Стравот од вирусот кај совесните граѓани е голем и покрај високото ниво на претпазливост и почитување на препораките од нивна страна и од страна на нивните најблиски. Затоа веруваме дека нашето барање нема да биде изневерено“, се вели во нивното барање.

Комисијата за заразни болести заедно со претставници на Министерството за образование и наука денеска одржуваат состанок на кој се очекува да бидат финализирани протоколите за реализација на наставата од 1 септември.

Непосредно пред состанокот, своја куса реакција упати и Самостојниот синдика на образованието, науката и културата – СОНК од каде се надеваат дека надлежните ќе донесат рационална одлука за почетокот на новата учебна година.

„Убедени сме дека како приоритет ќе им биде здравјето на учениците и вработените во училиштата, пред моделот на изведување на наставата“, гласи нивниот став.

Синоќа, пак, министерот за образование и наука Арбер Адеми соопшти дека завршил неговиот предизвик со Ковид-19 и дека се враќа на работа.

„По две негативни последователни тестирања, од утре се враќам на активностите и многуте работи што се пред нас“, напиша тој синоќа на својата Фејсбук страница.

Според Адеми, до 1 септември има време да се изнајдат соодветни решенија и да се подготват училиштата да ги испочитуваат протоколите.

Досега се споменуваа дека во опција се комбинирани модели за септември – онаму каде нема заразени од коронавирусот, таму наставата да се одвива со физичко присуство. Истовремено, на местата каде има зголемен број на случаи – таму да тече онлајн настава, која досега се соочи и со технички предизвици.

„Ние се подготвуваме за почеток на учебната година од 1 септември. Протоколите и сите модели за организирање на наставата се подготвуваат преку инклузивен пристап, се консултираат сите засегнати страни за да имаме издржани решенија. Оттука, преовладува оптимистично мислење во Кризниот штаб, Владата, меѓу колегите, но и во образовните институции да започне учебната година со физичко присуство, изјави Адеми во петокот.

Во исчекување на одлуката, со свој став претходно излегоа и од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија – ССРСМ, од каде порачаа дека здравјето, безбедноста и благосостојбата на училишната заедница мора да бидат во центарот на политиките за враќање во училиште.

„Повторното отворање на училиштата може да се земе в предвид само доколку е безбедно за сите. Училиштата се суштински социјални средини, а нивните инфраструктури во најголем дел се недоволно опремени за потребното физичко дистанцирање кое го бараат надлежните органи за здравје и безбедност. Учењето лице в лице е важно заради неопходните социјални интеракции кои ги овозможува, но во време на криза училиштето мора да се осигура дека таквите интеракции се безбедни“, порачаа од Сојузот.

Заменичката на Народниот правобранител, Васка Бајрамова Мустафа, пак, упати мислење до Министерството за образование и наука во кое истакнува дека императив за надлежните е да ги остварат сите предуслови за дигитализација на наставата, но при тоа таа да биде достапна за сите ученици.

Таа во својот допис укажува дека не треба да се занемарат учениците кои имаат проблеми да се адаптираат на учењето од далечина, поради недостатокот или целосната оневозможеност да пристапат до онлајн платформите за учење.

Е.П.