Родителите кои сакаат нивните деца да посетуваат онлајн настава бараат да им биде овозможено право на избор, со само едно писмо да се обратат до директорот без бирократски процедури.
Ова денеска на прес-конференција пред Владата го истакна Ана Глигорова од групата „Поддршка за онлајн настава“, во која членуваат над 15 000 членови, претежно родители и наставници.
Оттаму реагираат на последната одлука на Владата, според која децата треба да почнат со физичка настава од 1 септември. Глигорова на ова се спротивставува посочувајќи ги правото на живот и правото на здравје, загарантирани со Устав и универзална Декларација за човекови права.
„Поради тоа што доаѓа цунами, имаме секој ден по 30 починати и огромен број заболени поединци и млади кои завршуваат со тешки клинички слики во болниците, сметаме дека оваа година онлајн наставата треба да се одржи по секоја цена. Зошто? Затоа што во една училница од 36 квадратни метри, 30 деца кога ќе влезат немаат простор помеѓу себе“, рече таа.
Исклучоци од одлуката за физичка настава може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни семејства, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.
Глигорова во име на родителите од групата „Поддршка за онлајн настава“ побара или целосно да има онлајн настава, или сите родители кои сакаат онлајн настава за нивните деца да имаат опција да бидат ослободени од доставување медицински белешки.
„Ние бараме тие кои сакаат нивните деца да го посетуваат онлајн учењето или онлајн наставата, со само едно писмо до директорот да се обратат без бирократските процедури, медицински белешки, одење и влегување во опасност во медицинските амбуланти итн. Да нема медицински/немидицински причини, туку само желба на родителот, затоа што одговорноста за овој чин на цунами и заболување на десетици илјади луѓе, вметнување во животозагрозувачка состојба на огромен број недолжни луѓе, ќе ја има Владата на Република Македонија, заедно со Комисијата за заразни болести“, истакна Глигорова.
Поради ова, бараат промена на владината одлука, која ќе биде објавена во Службен весник.
Последните податоци на УНИЦЕФ покажаа дека Северна Македонија го забележа најдолгото затворање на училиштата за учење со физичко присуство, при што мнозинството ученици посетуваа настава на далечина вкупно 54 недели. Оваа бројка е значително повисока од просекот од 25 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Оттаму истакнаа дека затворањето на училиштата треба да се разгледа само како последна можност, кога нема други алтернативи.
На ова Глигорова кусо прокоментира дека УНИЦЕФ може да упати препораки, но дека државата е таа што треба да одлучи на крај.
Во исто време, симболично пред Министерството за образование и наука денеска се собраа родители од групата „Учебници и настава мора да има“, за да го изразат својот револт против Законот и Концепцијата за основно образование.
„Ние како родители овде сме во знак на револт и без разлика дали наставата ќе биде со физичко или настава на далечина, најавуваме едно и единствено сценарио, а тоа е дека нашите деца нема да ги пуштиме на училиште да учат по новите програми кои се воведуваат во овие реформи. Нашите деца нема да учат содржини за кои ние родителите не сме информирани и не сме дале согласност. Нашите деца нема да учат исклучиво и само од дигитални учебници, нашите деца нема да бидат на лаптопи, таблети и телефони, туку од учебници“, рече Драгана Спасевска, претставничка на групата.
Според неа, со воведувањето на реформите, надлежните ги кршат правата на родителите и деца. Во моментов се подготвуваат претставки до Уставен суд за оценување на уставноста на Законот за основно образование и Концепцијата за основно образование.
Во меѓувреме најави дека ќе достават и претставка и барање до Собранието за ставање на суспензивно вето на законите и Концепцијата се до пресудата на Уставен суд. Покрај ова, планираат да покренат граѓанска иницијатива за измена на Законот за основно образование.
„Овде сме да порачаме дека ние како родители доколку не успееме да ја стопираме оваа постапка и да го решиме овој проблем на национално ниво, со надлежни национални институции, продолжуваме понатаму до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Ќе бараме одговорност и санкции за надлежните“, рече Спасевска.
Е.П.