И после неполн месец од почетокот на школската година, некои деца со атипичен развој сѐ уште немаат добиено образовен асистент. Сега и вториот оглас се пролонгираше, што значи дека десетици ученици се’ уште се исклучени од образовниот процес и остануваат дома, бидејќи дел од основните школи немаат капацитет паралелно да спроведуваат едукација и инклузија.
Родители што се обратија до Радио МОФ се жалат дека нивни деца не се примаат во училиштата.
„Како родител на дете кое е прво одделение и сѐ уште без асистент, сме приморани и ни наложуваат да не ги носиме децата во училиште. До кога нашите деца ќе бидат дискриминирани? Нашите деца не можат толку лесно да ги прифатат ваквите промени и отфрлање од школо, или да седат само еден-два часа. Рутината им се менува и ќе имаат психички проблеми“, вели мајка на дете со аутизам.
Школите имаат законска обврска да ги примаат сите деца и да растат во инклузивна смисла, што досега на неколку пати беше потенцирано од ресорната министерка Весна Јаневска.
Министерството за образование и наука (МОН) за Радио МОФ вели дека при инклузивното образование треба да се применува мултидисциплинираниот пристап.
„Во основните училишта се формираат два вида инклузивни тимови, односно училишен инклузивен тим кој се грижи за инклузивните политики и практики на ниво на целото училиште и инклузивен тим за ученик кој работи по индивидуален образовен план или по модифицирана наставна програма. Членовите во инклузивните тимови се наставниците, стручните соработници, директорот и се разбира родителите“, посочуваат од МОН.
Според последната анализа на Радио МОФ, голем број школи имаат куп проблеми за да ја тераат инклузијата и им недостасува буџет, обуки за кадарот, материјали, инфраструктура… Од друга страна, МОН потенцира дека основните училишта треба да обезбедуваат поддршка за учениците со попреченост.
„Основно училиште обезбедува: образовен асистент, соодветна стручна поддршка од центар за поддршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија по препорака на стручното тело за проценка (МКФ) и во согласност со индивидуалниот образовен план или модифицираната програма“, посочуваат од МОН.
Во однос на асистентите, министерството вели дека првиот оглас е комплетно завршен, со кој се ангажирани и вработени 818 образовни асистенти. Вториот оглас во два ресурсни ќе мора да се повтори.
„Вториот оглас за ангажирање дополнителни 200 образовни асистенти, не е комплетно завршен за ОУРЦ ’Иднина’ и ОУРЦ ‘Златан Сремец’, бидејќи не се јавиле доволно кандидати за исполнување на бројот, односно, за онолку лица колку што недостасуваат огласот ќе се реобјави“, потврдуваат од МОН.
Додека од ресурсните центри периодов владееше молк поради тековните огласи, скоро сите училишта што ги контактиравме потврдија дека кај нив доцнеле, или се’ уште доцнат образовни асистенти. Сепак, досега од институциите никој не презема одговорност за тоа што децата со атипичен развој на стартот на учебната година главно останаа одвоени од своите соученици, за што реагираше и Комисијата за заштита од дискриминација (КСЗД).
„КСЗД апелира МОН да ја почитува обврската за обезбедување на правото на образование за секое дете без дискриминација и бара навремено да се осигура разумно прилагодување согласно индивидуалните потреби на секој ученик, добивање на соодветна индивидуализирана поддршка, како и поддршка на наставниците во работата со учениците со попреченост, со цел да се спречи нивното исклучување од редовниот образовен систем“, стои во реакцијата на КСЗД.
МОН сега сака да го убрза процесот со асистентите и да стави законски рок за нивно вработување до крај на јуни. Тоа би случувало тек од наредната учебна 2025/2026 година, бидејќи новите предлог-закони за основно и средно образование што се ставени на ЕНЕР допрва треба да се допрецизираат и потоа гласаат со Собрание.
Што е со статусот на асистентите?
Она што се наметна како потреба за образовите асистенти е и нивниот работен статус. Ако пред три години преку новиот систем „Образовна асистенција“ паднаа на државен товар, сепак, тие се’ уште добиваат едногодишни договори кои може да им влеваат несигурност и да не ги мотивираат да работат со деца со атипичен развој. Затоа од повеќе страни, МКФ-службата, школи, родители стигаа барања со новите законски измени договорите да им бидат на неопределено време, или барем да им се даде можност да го бираат видот на вработување, зависно според свои капацитети или афинитети.
„Предлог-измените се поставени на ЕНЕР за дополнителни забелешки и консулатции кои секако ќе бидат разгледани и дискутирани пред да продолжи со процесот на усвојување на Измените во законот за основното образование“, велат од МОН.
Статусот и дејноста на образовните асистенти беше предмет на расправа и меѓу експерти на Симпозиум во Охрид, одржан на крајот на 2023. Присутните дадоа низа препораки за институциите, како на пример асистентите да даваат поддршка на ученици од различна паралелка, додека за учениците со оштетен слух – да се обезбедат асистенти што се сертифицирани толкувачи.
„Треба решавање и на статусот на образовните асистенти (образовните асистенти кои имаат компетенции за реализирање на настава според студиската програма по која се образувале да добијат звање на наставници како ‘асистенти во настава’ и да се овозможи трансформација на нивниот работен однос на неопределено време). Треба подготовка за воведување на нов тип на образовна поддршка преку методи на заедничка настава и подготовка за трансформација на поддршката од образовна асистенција кон ‘ко настава’ (co-teaching) – во секоја паралелка во која има ученик со попреченост да има два рамноправни наставника“, стои меѓу заклучоците на експертите.
Остануваат нејаснотии околу инклузивните реформи
Образовните асистенти не се единствените што периодов влегоа во јавниот фокус. МОН на неколку пати рече деке тоталната инклузија не функционира, па, согласно новите предлог-законски измени, во ресурсните центри од наредната година ќе можат да се запишуваат ученици со попреченост што учат по модифицирана програма, по избор на ученикот и родителот и по препорака на Стручните тела за проценка (МКФ).
„Тие (ресурсни центри) ќе продолжат понатаму да даваат поддршка на учениците запишани во основните училишта во делот за реализација на модифицираната програма. За основните училишта останува обврската да запишува ученици со посебни образовни потреби согласно препораката дадена од МКФ“, велат од МОН за Радио МОФ.
Но, повторно остануваат недоумници. Особено што идејата на новиот инклузивен систем, стартуван пред три години, беше ресурсните центри (претходно посебни училишта) повеќе да не примаат деца по учебната 2022-2023 година, туку сите деца да се вклучат во основните училишта, без разлика на „попреченоста“. Ова значеше, основните школи да се развиваат за сите деца подеднакво, тие да се едуцираат и социјализираат и инклудираат заедно, блиску до местото на живеење, додека ресурсните центри да нудат искуство, материјали, компетенции и обуки при инклузијата.
Проблемот е што, пример, во Македонија постојат пет основни училишта со ресурсни центри (ОУРЦ) и тие ги нема во сите региони подеднакво. Прашањето е како родител со дете со комплексни потреби, ако добие модифицирана програма по проценката во МКФ, како тој секојдневно би го носел детето 20-30-40 километри, само за да следи настава во ресурсен центар? Друго, веќе постои можност да се следи настава по модифицирана програма паралелно во основно школо и ресурсен центар, па не е објаснето што е потребата од „упис“ во ресурсен центар? Трето, како тоа би влијаело сега врз самите ресурсни центри од аспект на планирање активности, дополнителна настава, кадар, формирање нови паралелки… кога и досега бараа да им се јакнат човечките и просторни капацитети? Четврто, основните школи може ова да го користат и да аргументираат дека „немаат кадар и можности“ и да не го примаат детето со атипичен развој, па по линија на помал отпор од родителите – тоа дете да го пратат во ресурсен центар, само за да се ослободат од инклузивни одговорности, што би значело чекор назад во целиот процес.
„Инклузивното образование треба да се сфати како основно човеково право на сите ученици. Сите мерки за поддршка на учениците со попреченост треба да бидат во согласност со инклузијата, да се наменети за јакнење на можностите на овие ученици да учествуваат во училницата и надвор од неа, во училиштето, заедно со своите врсници, наместо да се сегрегираат во посебни училишта’“, се дел од коментарите на Комитетот за правата на лицата со попреченост при Обединетите Нации.
Бојан Шашевски