Родителите ќе имаат можност да поднесат барање за упис на новороденче онлајн, без да имаат потреба да одат до шалтерите на Управата за водење матични книги, соопшти вчера министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, на промоцијата на новата онлајн услуга.
„Задоволство ми е што денеска сме во Специјалната болница за гинекологија и акушерство – Чаир, за промовирање на најновата онлајн услуга за граѓаните: електронски упис на новороденчето за издавање извод од матична книга на родените. Аплицирањето на услугата ќе биде преку порталот www.uslugi.gov.mk кој овозможува поднесување за барање на овој извод, лесно и без доцнење”, рече министерот Алиу.
Според Алиу, дигитализацијата е единствениот начин да се промени животот на граѓаните, додавајќи дека до крајот на годината ќе се промовираат повеќе од 150 нови онлајн услуги на Националниот портал за е- услуги.
„Ние како министерство работиме напорно за дигитализација и дигитална трансформација на државата, каде што неодамна ја промовиравме „ДигиталнаЕра“- новата платформа на МИОА, која носи зголемување на електронските услуги за граѓаните и администрацијата. До крајот на годината ќе дигитализираме повеќе од 150 нови онлајн услуги на Националниот портал”, рече Алиу.