„Чии се јавните простори?“, е прашањето кое го поставуваат „Реактор“ и „Коалиција Маргини“ кои на 12-ти март (среда) од 19 часот продолжуваат со серијата настани „Родот и градот“.
„Овој пат ќе зборуваме за јавните простори – дали и колку ги сметаме за ‘наши’, дали се чувствуваме безбедно во нив (особено како жени и квир лица) и дали истите ни се достапни“, велат организациите.
Тие посочуваат дека живеат реалност во која сѐ повеќе се чувствуваат оттуѓени од јавните простори во градот. Секој ден се соочуваат со опасноста од сексуално вознемирување или насилство, што ги тера некои простори целосно да ги избегнуваат.
„Истото важи и за нашето присуство во сообраќајот. Но, го чувствуваме и недостатокот од културните места во градот, особено оние кои се бесплатни и достапни за користење за сите, без разлика на тоа колку средства имаме на располагање. Што нѐ носи до прашањето за градење заедници – достапноста на просторите е неминовно поврзана и со заедниците кои би можеле да ги создаваме и одржуваме низ нив“, соопштуваат тие.
На настанот, организацијата „Реактор“ ќе има прилика да ја презентира својата платформа и апликација „Реагирај“ посветена на безбедноста на жените во јавните простори.
Дискусијата ќе ја води aвторката и истражувачка Ивана Јовановска, а гостинки се културните работнички и активистки Јана Димитрова, Ивана Драгшиќ, Надица Банишка и Калина Дуковска.
„Дојдете да поразговараме за нашите простори на 12-ти март (среда), во 19:00 часот, во Центар-Јадро“.