Изложбата „Родовите приказни низ објективот“ од фотографката Ерина Богоева ќе биде отворена на 22 јуни во 19 часот во Национална галерија Мала станица.
„Како фотограф, родовите приказни ми дојдоа во фокусот пред неколку години. Низ работа со многу креативни луѓе кои го искажуваат својот родов идентитет на многу различни начини успеав да научам многу и за тој идентитет и кај себе. Низ овие фотографии и кратки приказни на транс лица, дрег кралици, како и цис креативци сакам да покажам дека убавината навистина лежи во разноликоста иако некогаш таа, за жал, е маргинализирана. Сите портрети беа (и би биле) направени во простори каде личностите можат да си бидат најкомотни да се она што сакаат да бидат пред објективот и пред себе. Фотографиите содржат и дел автопортрети посветени на истата тема“, вели Богоева.
Фотографката во најавата за изложбата открива дека проектот го започнала долго пред пандемијата, но смета дека токму таа промена што му се случи на светот, ја направила оваа тема уште поважна.
„Откако моравме повеќе да се осврнеме кон себе, а помалку кон светот, мислам дека самото прашање на идентитет (родов, сексуален, професионален) стана подоминантно и живеењето во својата вистина излезе дека е од клучна важност“, посочува авторката.