Десетици бегалци Рохинџи во Велика Британија и САД поднесоа тужба против Фејсбук во која го обвинуваат технолошкиот гигант дека дозволувал ширење говор на омраза против оваа етничка заедница.
Тие во тужбата бараат преку 150 милијарди долари како компензација, со тврдење дека платформите на оваа компанија промовирале насилство против ова прогонувано малцинство.
Се проценува дека околу 10.000 муслимани Рохинџи биле убиени за време на воените акции против нив во Мјанмар, која е составена од мнозинство будистичко население, во 2017 година.
Фејсбук, која сега се нарекува Мета, досега нема одговорено на овие обвинувања.
Компанијата, меѓу другото, е обвинета и дека дозволувала „ширењето на злобни и опасни дезинформации“ да продолжува со години.
Во британската тужба тужбата се наведува дека алгоритмите на Фејсбук го засилувале говорот на омраза кон Рохинџите и дека компанијата не вложила доволно ресурси во модерирање на содржината и во проверувачи на факти кои ја познавале политичката ситуација во Мјанмар. Дополнително компанијата се обвинува и дека не успеала да ги избрише објавите и профилите кои ширеле насилство и дека не презеле други соодветни чекори и покрај бројните предупредувања од невладините организации и медиумите.
Фејсбук има преку 20 милиони корисници во Мјанмар. За многу од нив оваа социјална мрежа е главен извор на информации.
Фејсбук во 2018 година призна дека не направиле доволно да го спречат ширењето повици за насилство и говор на омраза против Рохинџите. Ова признание следеше по извештај во кој беше наведено дека социјалната мрежа создала поволен амбиент преку кој се кршеле човековите права.
Рохинџите се сметаат за нелегални мигранти во Мјанмар и се дискриминирани од властите и јавноста со децении.
Во 2017 година војската на Мјанмар покрена напад на провинцијата Ракине, откако милитантни структури Рохинџи извршија неколку напади врз полициски пунктови.
Во периодот потоа илјадници Рохинџи беа убиени, а повеќе од 700.000 припадници на оваа етничка заедница беа принудени да ги напуштат своите домови и како бегалци да се сместат во соседната држава Бангладеш.