Здружението РОМА С.О.С од Прилеп денеска соопшти дека се загрижени за последните изјави кои одекнаа во етерот во текот на вчерашниот ден, а се однесуваат на објавените телефонски разговори од „бомбата” на опозицијата и ставот на донесувачите на одлуки и државни институции кон ромската заедница.
„Почитта и достоинство на ромската заедница е сведена на минимум односно увидовме дека државни институциите кои треба да ја обезбедат и гарантираат еднаквоста на сите граѓани на РМ загарантирани со законите и Уставот, имаат дискриминирачки и расистички ставови кон Ромите и ги третираат како граѓани од најнизок ранг. Ова посебно загрижува имајќи го во предвид и фактот дека помеѓу донесувачите на одлуки се наоѓаат и претставници на Ромите кои до денес не се произнесоа за ваквата злоупотреба и прекршувањето на уставно загарантираните човекови права и слободи“, се вели во соопштението на ова здружение.
Според здружението кое вчера организирало прес конференција на која заедно со 11 здруженија, покажале како ромските организациите се залагаат за подобрување на состојбата на сите граѓани подеднакво, без да прават разлика по етничка и национална припадност, а со цел да се подобри одредена јавна политика поврзана со здравственото осигурување на најсиромашните граѓани, сепак на крајот на денот резултатот покажал дека сето тоа е „илузија”.
Опозициската СДСМ вчера продолжи да ги објавува за кои велат дека се снимени телефонски разговори меѓу државни функционери. Партијата неодамна објави дека државните служби, односно МВР и Агенцијата за разузнавање спровеле систематска, повеќегодишна акција за масовно прислушување на над 20.000 граѓани, меѓу кои и новинари, опозициски политичари, верски лидери и стопанственици, со што, според СДСМ, власта го спровела своето недемократско владеење.
На последните снимки, меѓудругото може и да се слушне како наводно највисоки државни функционери ги нарекуваат Ромите „цигани“ кои треба да се вадат за уши еден по еден за да гласаат на локалните избори.
Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагираше на изнесените снимки и обвинувања и според неа, опозициската партија сака да создаде слика дека некој ги украл изборите. „СДСМ е инфериорен и затоа се обидува со конструкции и манипулации да создаде поинаква перцепција од реалната“, се вели во нивната реакција.