Добитник на „Златен венец“ за 2019 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“ (СВП), е романската поетеса Ана Бландијана. Одлуката ја соопштија Управниот одбор и Дирекцијата на фестивалот СВП на денешната Свечена седница, која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Наградата на годинашната лауреатка ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинашното издание на фестивалот, кое ќе се одржи од 21 до 28 август.
„Една од најценетите современи европски авторки, Ана Бландијана, (псевдоним, зад кој се крие името на Отилија Валерија Коман) е припадничка и претставник на поетската генерација од 60 –тите години, која е заслужна за афирмацијата на модернизмот во романската литература и поезија. Поезијата на Бландијана не флертува со помодното и површно допадливото пишување, таа е критички настроена и суштински загрижена заради губитокот и отсуството на слобода во современо-историската бездна, сред која е стаписано човештвото… Како што сведочат книжевно критичките реакции и одгласи ширум Европа – творештво на Ана Бландијана претставува значен придонес во збогатувањето на изразните потенцијали на современата литература, како и витален поттик за ревитализација на нејзината благородна мисија во едно сурово време, какво што е нашето“, рече Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, еден од најреномирани и најстарите поетски фестивали во светот.
Според лауреатката Бландијана, „Златен венец“ на СВП е поважен од која било друга награда и веста за признанието кај неа предизвикало горечка возбуда, бидејќи нејзиното креативно созревање е обележено токму од овој фестивал во земјата на која, како што вели, чекорел Орфеј.
„Во светот во кој војните, револуциите и промената на историјата и географијата оставија малку простор за поезијата, наградата ‘Златен венец’ опстои шест децении на преминот меѓу два века и со помош на лирата и ловориките се спротивстави на сите видови оружја и со љубовни зборови се спротивставува на сите видови омраза. Веќе педесет и осум години, големите светски поети што ги избравте, благодарно доаѓаа во оваа земја, по која чекореше Орфеј, осветлени со верата дека убавината ќе го спаси светот и дека нивното присуство може да го втисне во духот на Европа обликот на Струшкиот венец“, порачува годинашната добитничка на „Златен венец“.