Студентот по индустриски дизајн Алекс Барбу, од Брашов, Романија го прикажа споменикот „Илинден“ во Крушево, попознат како „Македониум“ во поинакво светло.
Станува збор за најава за негов нов уметнички проект кој ќе ги претстави најпознатите споменици од советската ера, на начин на кој досега не биле претставени.
„Идејата зад сликата со Македониум е вид на синтеза на нешто за кое размислував подолго време. Се повеќе и повеќе ме интересираат реликвиите од старата социјалистичка ера и култура, особено бидејќи и јас потекнувам од екс-социјалистичка држава, од Романија. Чувствувам длабоко поврзување со естетиката на тие стари, заборавени парчиња историја отелотворени преку старата комунистичка архитектура и споменици. Го открив „Македониумот“ додека истражував за старите советски споменици кои ги употребувам како инспирација за мојот проект и веднаш се заљубив. Продолжив да читам за него и неговото значење за македонската култура. Го открив феноменот на ‘споменикот’ во социјалистичката ера и одлучив повеќе да истражувам и дефинитивно да создадам нешто од тоа“, вели тој за Радио МОФ.
Додава дека неговата идеја е да ги визуелизира сите споменици и реликти од социјалистичката ера, како стари парчиња уметност скриени во Источноевропскиот регион, и да создаде уникатни визуелизации кои ќе доловат што тие претставуваат за луѓето.
„Дали ќе успеам да го направам тоа што го имам наумено? Не знам во моментот, овае е амбициозен проект кој дефинитивно бара многу работа, но 100% внесен во работата“, вели тој.