Националната опера и балет за петок (19 март) од 19 часот го најавува балетскиот концерт насловен „Романтична балетска вечер“. Концертот опфаќа две балетски дела во кореографија на Аугуст Бурнонвил (Данска) инспирирани од Франција и Шпанија.
Изведбата е поставена и режирана од Ева Клоберг и Франк Андерсен (Данска), кореографијата е на Аугуст Бурнонвил (Данска), на музика од Х. С. Паули, Х. К. Лумбие, В. К. Холм, Е. Хелстед, сценографијата е на Зоран Николовски, костимите ги изработи Марија Пупучевска, а асистент на продуцентите е Саша Евтимова.
Настапуваат првенци, солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Ќе бидат претставени две помали класични балетски дела на Бурнонвил инспирирани од неговата страст за патувања и посета на други земји: „Конзерваториумот“ од 1849 година, што претставува омаж на неговата младост и едукативен престој во Франција и „La Ventana (Прозорецот)“ кој ја отсликува неговата страст за Шпанија. Наша огромна желба е вие, нашата драга публика, да уживате во изведбата и да се запознаете со една друга страна на балетот, каде „Joie de vivre“, односно „Радоста на животот“ е најважното нешто“, велат организаторите.
Аугуст Бурнонвил е Данец кој живеел помеѓу 1805 и 1877 година и создал повеќе од 50 балетски дела. Тој бил визионер, кој најголем дел од своето образование го стекнал во Франција. Бурнонвил се смета за „татко“ на Кралскиот дански балет чиј што уметнички директор бил повеќе од 40 години. Како резултат на своето школување во Франција, тој создал сопствен балетски речник, стил и техника. Меѓу неговите најпознати балети се „Наполи“ од 1842 година и „Силфида“ од 1836 година.
Од Националната опера и балет потсетуваат дека настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19. Сите посетители задолжително мора да носат заштитна маска.
Повеќе информации на следниов ЛИНК.