Во цела Европа има различни видови на евалуација во образованието, но Македонија развила чуден, нов модел каде сакаат да ги казнуваат наставниците за екстерното оценување и тој модел не е добар, изјави денеска на прес конференција првиот човек на Конфедерацијата на синдикати за образование на Европа, Мартин Ромер.
Ромер е веќе два дена во Скопје на покана на СОНК и доаѓа во мисија да ги следи одблизу состојбите со генералниот штрајк на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК). Тој оствари средби и со министрите за образование и наука и труд и социјална политика, на кои им соопштил дека е среќен кога луѓето измислуваат нешто ново, но во случајот со екстерното оценување во основното и средното образование, не се работи за добар изум.
„Во овој систем, македонските наставници ризикуваат да плаќаат од нивната плата кога одат на работа. Не сум видел друго место во Европа каде луѓето треба да плаќаат лично, за да одат на работа. Ова е целосно неприфатливо. Има и други проблеми како казните, прашањето за платите и други области, но мојот обид да разговарам денеска со владините претставници да се обидеме да најдеме некое придвижување и да видиме кои се можностите, преку кои страните ќе седнат заедно на иста маса. Немаме резултат, но мислам дека сме во постапка која е во тек и за која е се уште рано да се каже кои ќе бидат следните чекори“, рече Ромер и порача дека тие ги поддржуваат барањата на СОНК.
Европската конфедерација е синдикална организација со над 13 милиони членови од сите земји од европскиот континент составена од 135 организации. Тие се препознаени како социјален партнер на ниво на Европската комисија и СОНК е нивна членка.
Ромер изјави дека тој не го става под прашање правото на Владата да воведува инструменти со кои ќе се подобри квалитетот на образованието, туку под знак прашање се резултатите кои би ги произвело таквото решение.
„Ако наставниците не предаваат како што треба, на нив треба да им се помогне, да се советуваат, да бидат насочувани, упатувани, а не да им се дадат финансиски казни. Систем кој се гради врз основа на контрола, а пред се врз основа на казни, никогаш нема да создаде лојални припадници на тој систем, туку напротив луѓето секогаш ќе сакаат да го измамат или заобиколат системот“, рече Ромер и додаде дека треба итно да се обнови социјалниот дијалог помеѓу ресорните министерства и СОНК.
Штрајкот на просветарите продолжи и денеска, откако во повеќе училишта наставниците одбиваат да спроведат екстерно оценување. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков изјави дека наставниците од училиштата во целата земја се приклучуваат на генералниот штрајк, и дека екстерното оценување се одржува само во оние училишта каде се донесени заменски наставници.
Членовите на синдикалната организација на гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово упатија отворено писмо до јавноста за штрајкот на СОНК во кое велат дека е време да се стави крај на неправдите и „апсурдните обврски“ од Министерството за образование и наука. Околу 100 средношколци одржаа мирен протест против екстерното тестирање на плоштадот во Тетово.
Министерството за образование и наука пак апелираше до управите на средните училишта, до членовите на СОНК и до сите ангажирани субјекти во реализацијата на процесот на екстерната проверка на постигањата на знаењата на учениците од завршните години (трета и четврта), да им овозможат на учениците коишто пристигнале во училиштата да полагаат екстерно.
„Согласно информациите од кол центрите и ангажираните тестатори и набљудувачи, во ССОУ “Киро Бурназ“ во општина Куманово, на учениците кои пристигнале во училиштето, им било оневозможено да се тестираат, односно да го верификуваат стекнатото знаење, што е спротивно на нивната волја и позитивните законски прописи. Проблеми со учениците се детектирани и во средните училишта во општина Тетово. Тоа предизвикува директна штета по однос на воспитно образовниот процес на учениците и подразбира ограничување на правото на понатамошно образование, односно упис и формализација на високото образование“, се вели во соопштението на министерството.
Од СОНК најавија дека денеска во попладневните часови ќе имаат седница на совет, на која ќе се разговара за штрајкот и понатамошните одлуки.