Ромската заедница денес ќе одржи протест пред Град Скопје поради, како што велат, систематското игнорирање на Општина Шуто Оризари од страна на Советот и раководството на Градот.
Под слоганот „Шуто Оризари – Заборавена општина!“, на протестот граѓаните ќе го искажат своето незадоволство од недостатокот на паркови, зелени површини и булевари во Шуто Оризари, проблемот со нередовни линии од јавниот превоз и стари автобуси, како и недоволниот број на вработени Роми во градската администрација.
„Очекуваме пораките, потребите и барањата кои ќе бидат пренесени пред Град Скопје да бидат сериозно слушнати и вметнати итно во градските политики на град Скопје кои ќе бидат преточени во реализирани проекти во Општина Шуто Оризари и во сите скопски населби каде што живее ромската заедница“, велат организаторите.
Протестот ќе започне во 18 часот во паркот кај големата џамија во Шуто Оризари, а ќе продолжи кон Град Скопје во 19:30 часот.
Организаторите ги повикуваат граѓаните, граѓанските здруженија, политичките субјекти, бизнис секторот и секој граѓанин кој е засегнат од прашањата кои се интерес на протестот да им се придружат.