Ромите најавуваат да ќе ги запалат пасошите оти и натаму не можат да поминуваат граница. Тефик Махмут, активист за човекови права во Европски центар за правата на Ромите во Будимпешта, Унгарија, вели дека прв јавно ќе излезе да го запали за да ги охрабри Ромите, конечно, да се спротивстават, пишува Вест.
“Крајно време е да преземеме нешто радикално, бидејќи од жалење аир не видовме. Ако за кусо време не се промени нешто ќе почнеме да ги палиме бидејќи не ни користат. За нас има само една силувана демократија, повредени права, исполитизирани институции, како и апатични, некомпетентни и зелени ромски политичари. Јавна тајна е проблемот со границите, и никој од редовите на ромските политичари не се дрзнува да зборува за тоа”, вели Махмут.
Тој вели и дека со одлука на Уставниот суд, направени се измени во Законот за патни исправи, со кои ограничување на слободата на движење може да се направи само во исклучителни ситуации, кои не се ниту заштита на репутација на една држава ниту право на азил.
“Министерството за внатрешни работи не само што не почитува меѓународни ратификувани конвенции туку и одлуки на највисокиот правен орган во државата. Ако Македонија е загрижена за нејзината репутација или прелевањето на таканаречени лажни азиланти, наместо да ги повредува основните човекови права, би било добро да се соочи со причините поради кои Ромите си заминуваат од државата”, вели Махмут.
Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека нема селекција на граѓани што ги поминуваат границите на државата.
“Немаме таков проблем на границите. За нас сите граѓани се рамноправни, независно дали се работи за Македонци, Срби или за Роми, и за нив важат истите закони и правила. Доколку не ги почитуваат, можат да имаат проблеми на граница, но не поради етничката припадност”, вели Иво Котевски, портпарол на МВР.
Самка Ибраимоски од Партијата за целосна еманципација на Ромите(ПЦЕР) најави дека повторно ќе го актуелизира проблемот на следната седница на Советот на Европа во Стразбур, на крајот на овој месец.
“Ситуацијата од ден на ден се влошува, затоа што МВР не ја почитува одлуката на највисокиот суд во државата. Не можат да се носат и применуваат закони, оти има универзална Декларација за човекови права, која важи и за Ромите. Не е чудно што луѓето ќе почнат да ги палат пасошите, дури да реагираат и пострашно”, вели Ибраимоски.
Според Европскиот центар за правата на Ромите, 90 проценти од документираните случаи изминативе години укажуваат на тоа дека на Ромите им биле побарани докази за оправдување на нивното патување.
На 30 проценти од Ромите, пак, експлицитно им било кажано дека не можат да ја поминат границата поради нивната етничка припадност.
Околу десетина тужби на Роми против МВР се во тек. Аксил Ахмедовски, адвокат од Делчево, вели дека има уште најмалку толку се во најава.
“Секој ден ми се јавуваат нови граѓани што се жалат дека биле вратени од граница. Има случаи во Делчево, Кочани, Берово, во Струмица, Велес и во други градови. Во сите се работи за повреда на правото на еднаквост, и бараме надомест на штета за повреда на лични права, како слободно движење во и надвор од границите на државата”, вели Ахмедовски.