Од Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ информираат за случаи на сексуално вознемирување на жени и девојки Ромки на социјалните мрежи.
Оттаму истакнуваат дека 21 август оваа година на социјалната мрежа Фејсбук се појавила фан-страната @semmsuvada, на која се објавуваат компромитирачки и експлицитни приватни фотографии и видеа од Ромки за тие да се деморализираат и обезвреднат.
„На истата Фејсбук страница на 06.10.2021 година е објавен повик за собирање на фотографии и видеа од жени и девојки Ромки со цел нивно објавување и како што е наведено во објавата „јавно прикажување на „нечесните жени“(„Koj mangena shaj dena slike privatno te ubacina e nepostena manusen)“, соопштуваат од Иницијативата.
Истовремено, оттаму дополнуваат дека на самите објави има приватни фотографии и видеа од Ромки кои што живеат во земјава и во странство, а на некои фотографии се видливи и нивните малолетни деца.
„Сите објави на гореспоменатата Фејсбук -страница, предизвикува лавина од вознемирувачки коментари и говор на омраза од поединци, како и повици за јавен линч со што се повредува достоинството на Ромките чии фотографии се објавени“, нагласуваат од Иницијативата.
Од Здружението ги повикуваат жените кои се директно засегнати со овие објави, како и сите останати корисници на социјалната мрежа Фејсбук да ги пријават ваквите објави најпрво користејќи ги алатките за пријава на ваков вознемирувачки материјал, а потоа да ја пријават ваквата злоупотреба до надлежните институции и до здруженијата на граѓани.
Оттаму бараат надлежните институции, односно, Министерство за внатрешни работи – Оддел за компјутерски криминал и Дигитална форензика, Основното јавно обвинителство, Агенцијата за заштита на лични податоци и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација веднаш и итно да постапат по допрен глас и да ги елиминираат овие штетни практики кои имаат за цел да ги нарушат достоинството и угледот на жените Ромки.
„Не смееме да дозволиме да ни се повтори случајот со „Јавна соба“! Како општество не смееме да го дозволиме вознемирувањето, злоупотребата на лични податоци и јавниот говор на омраза кон жените чија единствена цел е да се наруши дигнитетот и јавниот углед на жените Ромки“, велат од Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“.