Музичарката Ронит Бергман од македонскиот колектив „Undone“ објави соло албум со нејзиниот проект „Pudding“. Албумот се вика „To My Nervous System With Love“ и има седум песни, а Бергман вели дека по еден инцидент во 2021 година, требала длабоко да се нурне во некои настани што се случиле кога била дете и што од тогаш ја прогонувале.
„Морав да го сторам сама… па настана ‘To My Nervous System With Love’ (До мојот нервен систем со љубов)… соло издание што се случува еднаш“, вели таа.
Албумот е напишан, свирен и снимен од Бергман, а продукцијата и миксот се нејзини и на Дарко Јаневски. Графичкиот дизајн е на Андреј Марјановиќ, додека мастерингот е правен од Карим Класман во „Fish Tank Studio“.
„Посебна благодарност до д-р Жу, до Јасмина и Андреј Марјановиќ до мојот сопруг Дарко, до моите многубројни музички браќа кои на овој или оној начин ме бодреа и инспирираа мене и на Радиото! Многу прекрасни емисии… Радиото, со милоста на стара школа во иднината… олеснувајќи ги промените, трансформирајќи се без напор… продолжувајќи да ја пренесува музиката на брановите… и тоа е прекрасно. Овие денови беа тешки, загинаа неверојатни луѓе, избувна војна… се’ уште можам да објавувам нова музика и ја спроведувам… со длабоки чувства и мисли за оние кои не можат. Продолжувам со објавување во такви денови, не чекајќи подобри… бидејќи вибрацијата на албумот, иако доаѓа од интензивен внатрешен поглед, се совпаѓа со настаните од неодамнешното…“, пишува Бергман во инфото за албумот.
Инаку, приказната за колективот „Undone“, каде таа е дел, започна во 2010. Бергман беше поканета во Македонија да направи поетски перформанс. Потоа, перформансот продолжи на интернационален поетски фестивал во Струга, а подоцна се претвори во албум „If We Are Here“ (2011). Останувајќи на експерименталниот поетски-рок пат, следниот албум „Indeed“ беше создаден низ тридневна џем сесија, по што Бергман имаше се’ повеќе колабораации со пријатели, луѓе што ги запознаваше преку интернет, или со музичари од Македонија.
Обично музичарите кои учествуваат во колективот „Undone“ имаат свои проекти и бенд, па кога работат заедно – секој со свој музички белег се вклучува во создавањето на песните, свират, пеат, креираат звук… На тој начин беше издаден „Family“ во 2016 и „kNOWing Eva“ во 2017 година.
Составот во 2018 го издаде албумот „Everything Is new under the Sun“ и потоа „Fountainhead“, за кој Бергман зборуваше и во интервјуто со Радио МОФ. Колективот лани го објави и музичкото парче „Тhe Central Farm“.