Ротвајлерот кој лани во декември повреди неколку граѓани, меѓу кои и деца, доби втора шанса во Италија.
Наместо да биде усмртен како што првично беше најавено, по барање за вдомување тој доби нов дом.
„Ротвајлерот пред да заминие во Италија е ресоцијализиран и кастриран“, појасни в.д. директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.
По неколкуте напади низ Аеродром и Гази Баба, кучето беше заловено во Вардариште. Овој случај, пак, повторно го актуелизираше проблемот со уличните кучиња и предизвика силни реакции меѓу населението, дотаму што граѓани се самоорганизираа и фрлаа отров низ улиците и парковите.
Атанасов за време на вчерашната прес-конференција информираше дека Агенцијата ќе набави 100.000 микрочипови наменети за домашните миленици во вредност од 18 милиони денари. Микрочипирањето ќе биде бесплатно за сопствениците, со тоа што ќе треба да ги платат само вакцината против беснило и пасош, што изнесуваат околу 750 денари.
Задолжителното микрочипирањето се очекува да почне во мај – јуни годинава. Така, секое домашно милениче би ги носело со себе податоците за сопственикот и за состојбата со вакцини.
Малтретираниот Лаки тренира да им помага на беспомошни луѓе – црниот ротвајлер чека втора шанса