Ако пред само една година, електричните тротинети ги гледавме како туристичка атракција во големите европски метрополи, а денес тие се веќе тука и присутни се на улиците, тротоарите, велосипедските патеки во Скопје и во другите градови. Нивното присуство во сообраќајот носи многу придобивки, отвара многу алтернативи за надминување на проблемот со сообраќајниот метеж, гужвата и бучавата во сообраќајот, континуираниот недостаток на паркинг места, загадувањето, но носи и закани за безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – РСБСП, испрати потсетување за тоа кој, како, кога, и каде може да управува електричен тротинет:
• Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст.
• Возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци. ( се забранува движење со тротинет на коловоз).
• Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 km/h. а по тротоар и пешачка патека, не смее да се движи со брзина поголема од 6 km/h.
• Ако двајца или повеќе возачи на електричентротинет се движат во група, должни се да се движат еден позади друг.
• Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото односно не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото.
• Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото и не смее да води животни.
• Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото. ( треба но нема санкција)
• Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото.
• На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна.