Растот на цените на енергенсите, зголемената фреквентност на сообраќајот, убавото време, но и здравиот начин на живот, се едни од клучните причини зошто треба да се избере велосипед како превозно срество, вели Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и информира дека истражувањата покажале дека велосипедот е најпрактичен за растојанија до 5 километри. РСБСП апелира заради здравјето, животната средина и заради побезбеден сообраќај да се користат пешачењето, велосипедизмот и јавниот превоз.
Истражувањата покажуваат дека на растојание до 5 километри, во урбана средина, велосипедот е доминантно превозно средство во однос на автомобилот, од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување на посакуваната дестинација и од аспект на полесно паркирање, порачува РСБСП и потсетува дека паркингот за велосипеди е секогаш достапен, бесплатен и дека одзема многу помалку простор.
„Со користењето на велосипедот како сообраќајно превозно средство се заштедуваат финансиски средства кои би се давале за гориво. Исто така, купувањето велосипед е далеку поевтина опција отколку купувањето автомобил. Велосипедистите се рамноправни учесници во сообраќајот и треба да се почитуваат како и останатите моторизирани и немоторизирани учесници во сообраќајот. Бидете внимателни возачи и внимавајте на велосипедистите во сообраќајот. Но, и велосипедистите исто така се должни да внимаваат на останатите учесници во сообраќајот““, апелира РСБСП и советува велосипедистите да бидат внимателни и да го почитуваат следното:
-да се движат што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека – по велосипедската патека, односно лента;
-пешачките премини да ги поминуваат низ пропишаната црвена патна лента лоцирана непосредно до сообраќајната зебра, а доколку нема таква патека, пешачкиот премин да го преминат симнати од велосипедот;
-ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, да се движат по десната велосипедска патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот;
-на велосипедски патеки кои се уредени и обележани за сообраќај на велосипеди во двете насоки, велосипедистите треба да се движат по десната страна во правецот на движењето;
-брзината за велосипеди кога се движат по велосипедска патека или лента е ограничена на 25 километри на час.
„Мобилноста на велосипедот, брзото и практично движење, како и исплатливоста, го зголемува бројот на велосипедисти во сообраќајот. Но, секоја година десетина велосипедисти го губат животот во сообраќајни незгоди. Затоа бидете одговорни велосипедисти и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи“, апелира Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата.