Условите во кои живеат студентите во Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје деновиве влегоа во фокусот на јавноста, откако жителите на домот на интернет објавија фотографии од внатрешноста на ова студентско живеалиште – руинирани тоалети, ѕидови што се распаѓаат, лифтови што не работат… Власта со години ветува дека ќе ја подобри состојбата, но што прават во меѓувреме студентските лидери и колкава е реално нивната моќ да влијаат на менување на работите?, пишува Радио Слободна Европа.
Претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски, вели дека е јасно дека во Студентскиот дом Гоце Делчев треба да се изврши санација и оти тие постојано вршат институционален притисок за тоа да се случи.
„Мислам дека актуелизирањето на оваа тема, што е проблем со години, не само на оваа, туку и на претходните влади, мислам дека е од политички причини. Она што ние го правиме како Студентски парламент е постојано да вршиме институционален притисок за да може да се реши проблемот со студентските домови и конкретно со Студентскиот дом Гоце Делчев и мислам дека ќе имаме позитивен ефект од сето тоа“, вели Спироски.
За разлика од него, Драган Милевски од студентското движење Слободен индекс вели дека студентите не треба да чекаат проблемите да ги реши Студентскиот парламент, туку треба самите да почнат да си ги решаваат. За него, потегот со објавувањето на фотографиите од домот на интернет е вистинскиот начин на борба.
„Нели оваа иницијатива „Операција Студентски дом“ е независна иницијатива и засега се супер во тоа што го прават, така треба и да продолжат. Наш став е дека студентите од домовите треба да излезат на улица и да им се придружат и останатите, да се солидаризираат, затоа што така се водат вистинските битки“, вели Милевски.
Извор:Радио Слободна Европа