Рекорден број на 533 новинари ширум светот во моментов се во затвор, покажува годишниот преглед на злоупотреби и насилство врз новинари објавен од Репортери без граници (РСФ). Според прегледот, зголемен е и бројот на убиени новинари на 57, додека 65 се чуваат како заложници, а 49 се сметаат за исчезнати.
Бројот на 533 уапсени новинари е поголем за 13,4 отсто од минатата година. Од РСФ информираат и дека оваа година е најголем бројот на затворени новинарки. Моментално се затворени рекордни 78 новинарки што е за 30 отсто повеќе од лани. 15 отсто од вкупниот број уапсени новинари годинава се жени што е речиси двојно од бројот на уапсени новинарки пред 5 години.
Кина, каде цензурата и надзорот достигнаа екстремни нивоа продолжува да биде најголемиот затвор за новинари во светот со вкупно 110 уапсени.
Годишниот преглед покажува и дека 57 новинари платиле со живот за нивната посветеност да известуваат во 2022 година, зголемување од 18,8% споредено со 2021 година. Од РСФ сметаат дека за ова придонесе и војната во Украина што започна на 24 февруари годинава. Во првите шест месеци од војната беа убиени 8 новинари, меѓу кои и францускиот новинар Фредерик Леклерк-Имхоф и американскиот новинар Брент Рено.