Граѓаните на Сингапур повторно ги посетуват аеродромите, но овојпат тоа не е за да полетаат.
Авио компаниите истакнале дека по првите две понуди за ручек кои се распродале многу брзо, тие ќе ја прошират понудата за уште два дена со можност и за вечера.
Билети за оброк во прва класа чинеле околу 360 фунти, во бизнис класата 181 фунти, а во премиум економската класа 54 или 30 фунти. Постоела и опција заинтересираните да ги платат своите оброци со собраните поени од нивните претходни авио патувања.
„Ресторанот А380 Чанги“ е дел од мерките кои беа воведени од страна на „Сингапур Ерлајнс“ за да се зголеми профитот во авио индустријата, која доживеа сериозна штета поради пандемијата од коронавирусот. Минатиот месец, Националната авио компанија соопшти дека ќе мора да отпушти 20 отсто од вработените.
Гостите кои доаѓаат на аеродромскиот ручек, можат да изберат од листата на филмови, шоуа и музички албуми додека бираат оброци од специјалните менија кои се изработени индивидуално за секоја авио класа.
Од компаниите известуваат дека се почитуваат сите мерки за заштита, односно одржување на физичко растојание и мерење на температура за да се осигура безбедноста на потрошувачите. Истовремено, се користи само 50 отсто од капацитетот на авионите.
Авио компаниите нудат и опција корисниците да нарачуваат оброци од дома и онлајн, па менијата од првата и бизнис класата кои вклучуваат вино и шампањ, може да се пробаат и од комфорот на домовите.
Авионите претворени во ресторани се само еден од примерите за зголемување на профитите во оваа индустрија. Неколклку други компании нудат и „лет до никаде“, каде заинтересираните имаат можност да летаат со авион и да се вратат на истиот аеродром, како атракција за оние на кои им недостасува летањето.
На 10 октомври, авионот полета од Сиднеј и направи обиколка над најважните области во Австралија и потоа се врати во Сиднеј. Ваквата тура понудена од авиокомпаниите беше распродадена во неколку минути.
Извор: Independent