Со вчерашната изложба на фотографии од минатото на рокенролот и промоција на книгите на Тошо Филиповски почнаа активностите за овогодишниот „Рудар рок фест“, кој денеска продолжува од 12 часот со првата берза на винили, цедеа и касети во Пробиштип. Потоа, од 19:30 часот стартува и главната хард-рок музичка програма.
Организаторот вели дека со оглед на препознатливоста на Пробиштип преку рударството, хард-рок музиката е културен и уметнички израз кој на најавтентичен начин може да ја олицетвори оваа тешка дејност.
„Рударската професија ја карактеризира јаката човечка волја која доаѓа во костец со карпестото сивило. Во тој напор на рударот и во таа спрега со тоа сивило се претопуваат вредните метал-и и не-метал-и. Строгоста, тежината и сериозноста на оваа дејност создава длабока и силна човечка егзистенција. Рударот е опкружен со тврдите и високи тонови произведени од железните машини и тешките алати кои му се придружник во рудниците. Звуците создадени од судирот помеѓу чудовишните машини како движењето на лифтот, пискотниците на вагоните низ шините, бушењето на бургиите во карпата, наоѓаат свој креативен израз во соло изведбите на гитарата. Ударите на чеканот, протокот на рудата низ шутовите, бучноста од движењето на скреперите, сето ова произведува ритмови за бас. Татнежите од експлозиите и грмливиот пад на рудата се предмет за обработка на звук за тапани. ДА, ТВРДИОТ РОК е најдобар начин, уметнички, да се изрази атмосферата на РУДАРСКАТА професија. Затоа ни е потребен РУДАР-РОК ФЕСТ“, соопшти ореганизаторот.
На агендата за вечерта се гостите „The Big Deal“ и „Cardinal Point“ од Србија, но и македонските бендови „Blackеned“, „Inner Hate“, „Ширшаја“ и „Brokedown Band“.
Фестивалот ќе се одржи во Градскиот парк во Пробиштип, а влезот е бесплатен. Таму посетителите ќе можат да си купат и маички од „Рудар рок фест 2024“. Претходно, првата берза на винили, џедиња и касети ќе се одвива во „City Cafe“ на Градскиот плоштад.